Во денешната објава на Фејсбук, обвинителката Ленче Ристоска, која е една од кандидатите од предлог листата за судии во Стразбур што не ја прифати владата, потсетува дека ова е исход од кампањата што била водена против неа откако во март ја поднесе кандидатурата за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на Советот на Европа.
Освен што открива дека цели два месеца и било укажувано да ја повлече кандидатурата, еден нејзин преходен пост на Фејсбук сведочи дека против неа била водена клеветничка кампања без ниту еден аргументиран основ.
„Денес упатив барање за јавно извинување до Драган Павловиќ Латас за клевети искажани во емисијата „Само вистина” емитувана на Канал 5 на 16.05.2025 година, во која лажно тврди дека неовластено сум земала износ од 100.000 евра според Агенција за борба против корупција и дека немам ни стаж (12:32 и 12:52 минути од вториот дел од снимката). Имајќи предвид дека ДКСК за мене никогаш немала поведено било каква постапка поврзана со примањата кои ги имам остварувано како обвинител во СЈО, како и дека сум дел од правосудниот систем од 2009 година, барав јавно извинување за ваквите клевети“, напипа тогаш на 21 мај Ристоска.
Причината поради која таа оценила дека е неопходно да реагира е што постапката за избор на кандидатите (за избор на судија во ЕСЧП во Стразбур) била во сензитивна фаза.
„Владата на Република Северна Македонија се уште се нема произнесено по предлогот на комисијата, па ваквиот интенциозен јавен напад, освен штета по мојот интегритет, може да нанесе директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката“, појасни тогаш Ристоска.
Таа тогаш исто така напиша дека „нема апсолутно никаков проблем со тоа некој да смета дека има други кандидати кои ја заслужуваат позицијата судија во Европскиот суд за човекови права повеќе од мене, но во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права неопходно е изјавите и коментарите кои се даваат во јавноста да бидат базирани на точни и проверени информации, со цел поттикнување на објективна и издржана јавна дебата“.
Се разбира, Драган Павловиќ Латас никогаш не се извини, а владата соопшти дека не ја прифаќа предлог листата за судии во Стразбур, на која беше Ленче Ристоска заедно со судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.