ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје повторно алармира за енормна и неконтролирана потрошувачка на вода

Фото: Jeremy Kunz/Flickr

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје повторно забележа сериозно зголемена и недозволиво висока дневна потрошувачка на вода, која вчера достигнала околу 360.000 кубни метри, информираат од претпријатието. Ваквата состојба довела до намален притисок во системот и повремени прекини во водоснабдувањето во делови од градот.

Од претпријатието предупредуваат дека Скопје се снабдува со питка вода од природен извор со ограничен капацитет, и затоа апелираат на рационално користење на овој ресурс од страна на сите граѓани.

„Апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и слично“, стои во соопштението на претпријатието.

Истовремено, од „Водовод и канализација“ повикуваат и до органите на локалната самоуправа да се вклучат поактивно во подигнување на јавната свест преку своите служби и месните заедници, со цел рационално користење на водата во сите општини.

Во соопштението, претпријатието укажува и на сериозен проблем со кражбата на вода:

„Се укажува дека досега не се постапува соодветно за санкционирање на кражба на вода од другите институции кои имаат надлежност за тоа. Загубите на вода од 65 % не се поради дефекти, туку главно поради кражби преку нелегално приклучување на згради, куќи и други објекти и користење на питка вода наместо техничка за полевање на земјоделски површини.“

Граѓаните се повикуваат да пријавуваат диви приклучоци на телефонскиот број 02 3073 010, преку е-пошта на kontakt@vodovod-skopje.com.mk, или на официјалната веб-страница www.vodovod-skopje.com.mk.

Како што се наведува, ваквите нелегални приклучоци не само што го оштетуваат системот за водоснабдување, туку директно влијаат и врз квалитетот на услугата за сите корисници во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен