Саботерите на македонскиот фудбал ликуваат за состојбата на ФК Победа АД и прашањето е дали некогашната прилепска фудбалска легенда, ќе успее да „воскресне“.
Темата за клубот кој беше новоформиран во 2010 година и носеше назив Победа Јуниор се исправи пред објективната фудбалска јавност, но најмногу пред прилепчани кои со вознемиреност ја примија најавата дека ФК Победа АД ќе го напушти натпреварувањето во Втората македонска лига, во неможност да продолжи поради блокираната сметка и финансиските тешкотии.
Судбината на ФК Победа не е само вознемирувачка за искрените фудбалски фанови и вљубеници во клубот, туку за многумина е и очекувана, велат соговорниците на Рацин.мк. Низ разговорот со нив, ја откриваме историјата и агонијата на старата добра Победа, која започна со суспензијата на клубот од страна на УЕФА во 2009 година, кога ФК Победа ДООЕЛ беше на врвот на својот успех и кога излезе на европските купови и почна да стекнува меѓународна репутација.
Агонијата на ФК Победа, велат нашите соговорници, ја започнаа и ја туркаа гробарите на македонскиот фудбал, само од лични интереси и од болните амбиции да ги заземат највисоките позиции во фудбалот во Македонија и во Фудбалската федерација на Македонија.

Прилеп беше град со најмногу навивачи по глава на жител во Југославија, а Победа од градски клуб се издигна до европските арени
Клубот е формиран во 1941 година. Најпрво го носел името „Гоце Делчев“ за подоцна да го промени во денешното име „Победа“. Во поранешната СФРЈ седум пати беше првак на Македонија и клуб со најмногу шампионски титули во тогашната Републичка лига. Не успеал да влезе во најквалитетната Прва југословенска лига, иако на неколкупати бил на чекор од неа.
Но она што се памети за ФК Победа беше дека тоа беше клубот со најголем број фанови и навивачи на градскиот стадион, заедно со Ногометниот клуб Хајдук од Сплит, според бројот на жители во Прилеп и Сплит. Цел Прилеп, едноставно дишеше, се радуваше, воздивнуваше и плачеше со успесите и поразите на клубот.
Од осамостојувањето на Македонија ФК Победа во најквалитетното државно првенство секогаш беше на самиот врв и ги освои шампионските титули во сезоните 2003/04 и 2006/07 и пехарот во националниот Куп во сезоната 2001/02.
Но, овој подем на прилепска ФК Победа стана трн во окото на подземјето од македонскиот фудбал кои го започнаа роварењето за да му наштетат на клубот и да го запрат неговиот подем на европската сцена кој штотуку започна.
Благодарение на успесите на ФК Победа во државното првенство, на 14 септември 2000 година во рамките на првото коло од Купот на УЕФА, Победа се соочи со ѕвездениот тим на калчолигашот Парма. Иако црвено-белите беа поразени во двата дуели, љубителите на фудбалот и денес се сеќаваат кој се гостуваше тогаш во Македонија.
Во редовите на Парма тогаш беа: Џиџи Буфон, Фабио Канаваро, Лилијан Турам, Серџо Консисао, Аморосо, Саво Милошевиќ, Жуниор и Марко Ди Вајо.
Во редовите на црвено-белите тогаш беа: Боби Тенев, Панче Ќумбев, Игор Николаевски, Благојче Нацев, Жилсон, Раде Каранфиловски, Панче Ристовски, Тони Наумоски, Николче Здравески, Дарко Диниќ, Сашко Крстев, Тони Мегленски, Горанчо Тодоровски и Влатко Стојчевски.
Оваа ѕвездена екипа, со некои измени, до 2008 година одигра 32 меча во рамките на различни европски натпреварувања, со клубови како Перуѓа, Универзитатеа и многу други.

Роварењата дома и големите дворски игри во УЕФА и ФИФА
Успесите на ФК Победа не беа прифатливи и по мерка на дел од тогашните фудбалски стручни лица и самоповикани фудбалски функционери. Од различни мотиви, како што се амбициите во Европа да настапуваат други клубови или да ги заземат високите позиции во ФФМ, започна подземните игри. Кулминацијата на овие роварења против ФК Победа се постигна во 2008 година кога ФК Победа доби тужба од УЕФА за наводно местење на натпреварот со ерменскиот клуб Пјуник во 2004 година.
Она што треба да се знае е дека „тужбата“ од УЕФА не дојде како автентична истрага на Европската фудбалска федерација, туку како дојава на поранешниот македонски фудбалски селектор Никола Илиевски Џиџи, поранешниот портпарол на ФФМ, Мијалче Дургутов и Драган Христовски, кој беше тренер на Победа на „наместениот“ меч со Пјуник пред пет години.
Ова во 2009 година го открива Александар Забрчанец Ацуле (почина во 2021 на 73-годишна возрат). Тој укажа дека тие биле „тајните сведоци“ на УЕФА која го казни ФК Победа со осумгодишна суспензија од нејзините натпреварувања.
Според тогашниот претседател на ФК Победа Александар Забрчанец, изјавите на Џиџи, Дургутов и Христовски, како и сведочењето на Миленко Неделковски, биле единствениот мотив на УЕФА да го казни прилепскиот клуб.
„На состанокот во Нион не беше приложен ниту еден валиден доказ со кој би се потврдило дека натпреварот е наместен, како на пример, уплатени пари во обложувачници, изјави од противникот (Пјуник), парична понуда, договор или слично. Обвинението е засновано исклучиво на претпоставки, со основна определена или претходна договорена цел да се казни Победа без материјални докази“, објави во 2009 година Александар Забрчанец Ацуле.
Ацуле во пишаното соопштение напиша дека станувало збор за „изјави дадени со однапред договорена содржина од страна на домашните нарачатели, изјави нечесни полни со злоба, изјави од македонскиот синдром за самоуништување и на фудбалски план, изјави за понижување на македонскиот фудбал, и на крајот изјави за остварување на неморални и материјални интереси на поединци под називот – опозиција на македонскиот фудбал“.
Во разговор за оваа состојба во која се најде ФК Победа, Рацин.мк разговараше со Зоран Михајлов, легендата на македонското спортско новинарство. За посветеноста на Ацуле Забрчанец и за другите искрени градители на клубот тој вели: „Големи беа и жртвите што ги направија Ацуле Забрчанец и подоцнежниот претседател на ФФМ Хари Хаџиристески. Исто така и Орде, директорот на Црн Бор, и други стопанственици. Сега сите како да кренаа раце“.

Македонскиот синдром на самоуништување
Терминот „ Опозиција на македонскиот фудбал“ на Ацуле, всушност, ја открива суштината на оваа група. Заради нивните амбиции да го срушат Харалампие Хаџиристески, кој врз основа на неговите успеси со ФК Победа како претседател на клубот пред Александар Забрчанец, ја доби мнозинската доверба и во три избора за претседател на ФФМ со убедливо мнозинство прво во 2002 година, потоа во 2007 и конечно во 2009 година, со мандат до 2012 кога си поднесува оставка.
Со казната за суспензија започнува голготата на унишувањето на ФК Победа. Позадинските игри дека клубот треба да биде уништен, а со тоа и работата на Александар Забрчанец Ацуле и Харалампие Хаџиристески и останатите кои се вградија во успехот на клубот, се докажаа во 2017 година. Таа година истече казната на УЕФА за суспензија на ФК Победа и кога ФФМ требаше да го прогласи крајот на казната и да ја врати Победа таму каде што беше кога беше казнета во 2008 година, првите луѓе на федерацијата ја прочитаа на свој начин и донесоа одлука дека суспензијата е всушност дисквалификација на ФК Победа и дека клубот веќе не може да се натпреварува под тоа име и со тогашната регистрација на клубот.
Тоа го означи крајот на ФК Победа.
Првото воскреснување
Не можејќи да се помири со овој исход за ФК Победа, Александар Забрчанец Ацуле регистрира нов фудбалски клуб под името „Викторија“ и започнува одново да го воздигнува клубот кој ги носеше сеќавањата на ФК Победа. Благодарение на неговиот ентизујазам и волја да го врати сјајот на клубот, неколку месеци после основањето во 2010 година, по сугестија на Харалампије Хаџиристески, го преименува клубот во „Победа Јуниор“ и почнува со натпревари прво во Третата, а потоа и во Втората лига.
ФК Победа Јуниор, како нов клуб, стигна до шампионското место во Втората републичка лига, а потоа во 2016 станува акционерско друштво за да може да игра во Првата лига бидејќи, според новиот Закон за спорт и новите правила на ФФМ, клубовите можат да се натпреваруваат во Првата лига само како „ад“.
Ова „воскреснување“ на прилепкиот фудбалски клуб доби поддршка од градот и од поголемите компании и бизнисмени во Прилеп, кои за да му помогнат прифатија да бидат акционери. Се договорија акциите да бидат поделени подеднакво по 25% меѓу Горан Хаџи-Ристески од Кабелнет, Ирена Јакимоска и Ендру Бруце од Комфи Ангел, Џорџ Атанасовски од Сонце и Сашо Самарџиоски од Прилепска Пивара. Подоцна, четирите акционери отстапуваат по 5% од своите акции за да се приклучи и петтиот акционер Гоце Ингилизов, поранешен директор на Центарот за јавно здравје – Прилеп, со што секој од акционерите поседуваше по 20% од акциите.
Беше формиран акционерски одбор и се постигна договор трошоците на клубот да ги покриваат акционерите.

Вториот „погреб“
И кога се мислеше дека работите ќе тргнат на добро, се случија неколку инциденти на натпреварите и ФК Победа беше казнета прво со 10, а потоа и со седум натпревари, по што клубот не можеше да го одржи темпото во лигашките натпревари.
Ова се одрази и на атмосферата во клубот. Паднаа и темпото и интересот на акционерите, кои во 2018 година одлучија акциите да ги доверат на тогашниот градоначалник Илија Јованоски и да го овластат тој да може да ги нуди на продажба, барајќи гаранција дека тој што ќе ги купи акциите треба да вложува во развојот на клубот. Откако не се нашол заинтересиран купувач на акциите, преку серија трансфери по пат на продавање и подарување меѓу дел од играчите и спортските работници, тогашната ФК Победа АД ја добива следната управувачка структура: Благоја Гешоски со 40%, Зоран Мирчески со 30%, Гоце Ингилизов со 20% и Кирил Овезоски со 10% од акциите.
Но, наместо нов развој, се случи нешто што никој не го очекуваше. Дел од новите акционери, кои дел од акциите ги добија како подарок, одлучија да ги продадат. Така, 70% од акциите во март 2025 година стануваат сопственост на Јана Мицковска – Попоски, која тогаш за медиум ја дала следнава изјава: “Нашето потекло е од Прилеп. Брат ми Александар Мицковски одамна е во САД. Ние со сопругот (Сашко Попоски, управител во клубот, познат тренер и менаџер н.з.) многу патувавме и се навраќавме во државава. Во тие доаѓања во Прилеп ние видовме дека блиску до центарот се наоѓа и срцето на градот – клубот, за кој сите прилепчани се емотивно поврзани. Она што го видовме е дека Победа е на Прилеп и Прилеп е со Победа”.
И кога беше ветено дека ФК Победа врти нов лист, а навивачите добија надеж дека ветувањата на новите газди ќе бидат исполнети и дека клубот ќе се врати во најдобрата македонска лига, се случи најновиот удар.
Новите сопственици, пред две недели соопштија дека донеле одлука за повлекување на сениорската екипа од натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига.
Следуваше реакцијата на Општина Прилеп која откри повеќе детали од работата на клубот и за односот на новите сопственици.
„Како институција која е секогаш посветена на поддршката на локалните спортски брендови, сакаме да ја информираме јавноста дека Општината во ниту еден момент не престана да презема активности за спас на клубот, но во тој процес се соочи со сериозен и континуиран недостиг на соработка од страна на мнозинските сопственици. Иако локалната самоуправа постојано иницираше дијалог за изнаоѓање долгорочно решение, сопственичката структура не покажа подготвеност за заедничко делување, одбивајќи да постави легитимни органи на управување и извршен директор, што практично го доведе клубот во состојба на функционална парализа“, се истакнува во реакцијата на општината.
Еден дел од соопштението на општина Прилеп по објавата од ФК Победа дека клубот ќе се откаже од настапи во Втората лига, предизвика дополнителна низа прашања, а и гнев во јавноста.
„Имаме сознанија дека службени средства на клубот биле ненаменски трошени за уплати во казина, обложувалници и приватни потреби“, се вели во соопштението на Општина Прилеп.
Ова сознание за дополнителни долгови на клубот за семо неполна година, открива дека и новите сопственици немале искрени намери кога најавија дека „ќе го ‘воскреснат’ клубот и Прилеп повторно ќе биде еден од најфудбалските градови во Македонија“.

Реактивацијата на суспендираната Победа едно од можните решенија?
Епилог сѐ уште нема. ФК Победа сега е во лимбо зоната. Дали некој ќе се нафати повторно да го издига клубот од пепелта, сега никој не може да каже. Има индиции, дека сопственикот на клубот се обидува да ја врати мотивацијата на играчите, додека онаа на прилепските навивачи одамна е издишана од „големите игри“ кои го доведоа клубот до оваа состојба.
Но, дури и во овој кус преглед на голготата на ФК Победа има една епизода која, можеби, може да се повтори. Онаа кога во 2017 година Александар Забрчанец Ацуле повторно го издигна клубот и го врати од општинската во Првата македонска лига.
Можеби некој сега ќе собере храброст и ќе ја реактивира старата суспендирана ФК Победа која нема долгови, а сѐ уште има активна регистрација во Централниот регистар од 8 октомври 1997 година. Овој епилог би значел преговори со ФФМ и УЕФА и враќање на Победа на истото место од кое беше суспендирана, а тоа е Првата македонска лига, со оглед на тоа што рокот на суспензијата е осум години.
„Не ми се верува и сѐ уште мислам оти има време да се спаси Победа. Зарем клубот за кој мислев дека е вечен повеќе да го нема. Ова е жалосно и вистински срам за најфудбалскиот град. Зарем дотаму стигна, па да се уништи и историјата, зашто Победа беше повеќе од сѐ и над сѐ. Зарем можат прилепчани да живеат без својата Победа? Зарем тоа од факторите во градот никој не го чувствува. Па, без Победа Прилеп го губи својот идентитет, градот како да згаснува. Победа не е обичен клуб. Победа беше гордост и љубов на прилепчани. Победа беше најголемиот симбол рамен и со Марковите кули. Не, не ми се верува дека од утре Победа ќе ја нема, тоа не е можно. Победа ќе воскресне и ќе ги надживее сите што ја доведоа до ова“, вели Зоран Михајлов, спортскиот новинар којшто го коментираше натпреварот на ФК Победа со италијанскиот клуб Перуѓа, во рамките на Интер-Тото купот, на градскиот стадион во Прилеп.