Во текст објавен од британскиот весник Mirror, Северна Македонија е претставена како „мирна, недоволно откриена и прекрасна“ европска дестинација за летен одмор. Во време кога туризмот е сѐ повеќе комерцијализиран, текстот ја позиционира земјата како алтернатива на масовниот туризам.
„Северна Македонија можеби не е на секој туристички радар, но нејзината тивкост ја прави идеален избор за спокоен одмор“, стои во текстот. Весникот ја нагласува географската положба на земјата, граничејќи со Грција, Бугарија, Србија, Косово и Албанија.
Понатаму, се опишува и културното богатство: „Земјата има богата историска подлога, со влијанија од Медитеранот, Балканот, Грција, Италија и Отоманската империја – создавајќи уникатна културна фузија“.
Во фокусот е и недостигот на туристи – според текстот, во 2021 година земјата ја посетиле 294.000 туристи, наспроти десетиците милиони во соседна Грција.
Mirror го издвојува и богатството на природата: „Околу 80 отсто од територијата е покриена со планини и езера…“, како и биодиверзитетот што вклучува „мечки, волци, лисици, срни и над 200 видови пеперуги“.
Скопје е спомнат како „историски главен град“, а гастрономијата добива простор преку споменувањето на тавче гравче како „национално јадење кое мора да се проба“.
„Охрид може да биде преполн во летните месеци, но остатокот од земјата делува речиси недопрено“, завршува текстот.