Автор: Марта Пешевска

Кога вистината се губи: Како дезинформациите ја рушат довербата на Македонците за влез во Европа

Патот на Северна Македонија кон Европската Унија е долг и исполнет со бројни предизвици, кои не само што се однесуваат на политичките и правните аспекти, туку и на сериозни општествени појави како што се дезинформациите. Тие го разнишуваат јавното мислење и ја поткопуваат довербата во европскиот процес. Во следната анализа, ќе ги разгледаме клучните моменти од европскиот пат на Северна Македонија, како и влијанието на дезинформациите врз перспективата на граѓаните за членство во Европската Унија.

Македонија и нејзиниот европски пат

Северна Македонија повеќе од две децении го следи патот кон Европската Унија, кој започна со Самитот на Европскиот совет во Солун во 2003 година. Тогаш оваа земја беше препознаена како потенцијален кандидат за членство во Унијата. Истата година, Северна Македонија стана првата земја во регионот која потпиша Договор за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, а тој договор стапи во сила во 2004 година.

Овој договор беше важен чекор кој требаше да го приближи земјата кон европските интеграции, овозможувајќи и економска и политичка стабилизација. Во следните години, Македонија вложи сериозни напори да ги усогласи своите политики и закони со европските стандарди, очекувајќи дека конечно ќе добие покана за преговори за членство. Меѓутоа, и покрај овие напори, патот кон ЕУ е блокиран.

Пречки на европскиот пат

Една од најголемите пречки во последниот период е потребата од уставни измени како предуслов за почеток на преговорите за членство. Овие измени се тесно поврзани со спорот со Бугарија, а кои директно влијаат врз процесот на проширување.

Но покрај ова, постои и друг, можеби уште посложен и поопасен предизвик – дезинформациите. Тие сериозно влијаат врз јавното мислење и ја изобличуваат сликата за Европската Унија и нејзините цели. Овие лажни наративи ја поткопуваат довербата во институциите и во идејата за европска интеграција.

Како дезинформациите ја разнишуваат довербата?

Дезинформациите се шират преку различни канали – од поединци и политички субјекти, преку медиуми, па се до надворешни влијанија. Особено загрижувачки е влијанието на Русија, која преку вешти кампањи го користи слабеењето на внатрешната кохезија во Северна Македонија и регионот, за да го ослаби проевропскиот курс.

Еден од најраспространетите наративи што се шират е дека Европската Унија го негира постоењето на македонскиот народ, неговата историја и државност. Овие тврдења имаат за цел да ја поттикнат скепсата и недовербата кон процесот на евроинтеграција.

Загрижувачки податоци од истражувањата

Според последните анкети на Институтот за демократија „Societas Civilis“ и Фондацијата Конрад Аденауер, 62% од граѓаните на Северна Македонија ја поддржуваат идејата за членство во Европската Унија, додека евроскептицизмот изнесува 11%. На прв поглед, ова може да звучи охрабрувачки.

Меѓутоа, внимателната анализа на овие бројки открива нешто многу поразочарувачко. Младите во возрасната група од 18 до 24 години се многу повоздржани и неодлучни во врска со европската иднина. Една третина од нив би одбиле да гласаат на хипотетички референдум за членство, а приближно една третина од целокупното население смета дека членството во ЕУ има мало или никакво значење.

Оваа генерација е воспитана во дигиталната ера, со пристап до смартфони и интернет, каде што информациите се неограничени, но честопати и противречни или лажни. Ова ја прави особено ранлива на манипулации и дезинформации.

Дезинформациите во секојдневието

Во прилог пример за тоа како изгледаат дезинформациите во секојдневниот живот е на социјалните мрежи.

Во една од објавите се користи карта што, според истражувањето на Вистиномер, е направена од англискиот картограф Самуел Батлер и претставува Македонија од периодот 70 години пред новата ера до 180 година од новата ера. На картата е подвлечен топонимот „Еуропус“, кој бил град во Античка Македонија. Но, тоа не е доказ дека на Македонија ѝ било украдено името, особено не од ЕУ, која постои од по Втората светска војна.

Таквите објави вешто манипулираат со историски факти, прикажувајќи ги на начин кој служи за ширење страв и недоверба.

Растот на лажните наративи во регионот и Европа

Анализите на Европската мрежа за борба против дезинформации (ЕДМО) покажуваат дека штетните лажни наративи поврзани со Европската Унија се во растечка линија, не само во земјите членки, туку и во земјите кандидати како Северна Македонија.

Во април 2024 година, нивото на дезинформации за ЕУ достигна највисока точка од почетокот на мониторингот во мај 2023 година. Меѓу лажните наративи беа тврдења дека ЕУ планира мобилизација на граѓани за испраќање во Украина, дека европските земји испраќаат забрането оружје, како и дека Франција испратила легионери на боиштата. Постоеа и тврдења дека македонската армија е „испразнета“ поради донации за Украина.

Овие лажни информации не се само бесмислени гласини – тие директно влијаат врз јавното мислење, поткопувајќи ја стабилноста и демократските процеси.

Лажни вести и политички напади

Еден од најпознатите примери за ширење дезинформации беше тврдењето дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, има наводна врска со нацистичко семејство. Се пласираа неверојатни лажни приказни дека нејзината баба лично се ракувала со Адолф Хитлер.

Оваа невистина беше проширена преку фотографија од неидентификувана рурална девојка од Бакибург, која се претставуваше како роднина на Фон дер Лајен. Меѓутоа, историските факти јасно покажуваат дека нејзините предци потекнуваат од образовани и деловни кругови во урбани средини и немаат никаква поврзаност со Третиот Рајх.

Дополнително, се шират и лажни изјави дека Урсула фон дер Лајен изјавила оти во наредните петнаесет години нема да има проширување на ЕУ. Ова никогаш не е кажано. Напротив, во официјалната изјава од 21 февруари 2024 година, таа ја потврди својата силна поддршка за проширувањето на Европската Унија, особено за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

Опасноста од дезинформациите

Дезинформациите создаваат неповратен страв, цинизам и недоверба во институциите и во иднината. Тие не оставаат простор за дијалог или разумна дебата, туку ги тераат луѓето да се повлечат во својот свет на страв и недоверба.

Граѓаните се гладни за вистина, но честопати се опкружени со лаги кои ја нарушуваат нивната перцепција за реалноста и ги поттикнуваат да се оддалечат од активното учество во општеството.

Борба против дезинформациите

Новинарските платформи како Вистиномер и Meta.mk напорно работат на разобличување на лажните вести и на поттикнување на проверка на факти. Организации како Метаморфозис, ЦИВИЛ и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (IDSCS) се посветени на едукација и на јакнење на медиумската писменост, особено кај младите.

Европската опсерваторија за дигитални медиуми (ЕДМО) формира регионален центар наречен ФАКТ, чија главна задача е да ја поддржи Украина, Молдавија и земјите од регионот во борбата против дезинформации. Овој центар ќе следи и анализира манипулативни содржини и дезинформациски кампањи, како и ќе придонесува за заштита на интегритетот на изборните процеси.

ЕДМО и неговите регионални центри функционираат независно од национални и јавни органи и се придржуваат до највисоки стандарди на професионален интегритет, етичко однесување и независност. Овој модел може да биде инспирација и за Северна Македонија, која има потреба од слични механизми за да се спречат и детектираат дезинформациите и да се зајакне отпорноста на општеството.

Скриншот од објави од ЦИВИЛ Медиа на тема дезинформации

Битката продолжува

Патот кон Европската Унија за Северна Македонија не е само прашање на уставни измени и политички договори, туку и битка за вистината и довербата на граѓаните. Дезинформациите кои се шират преку различни канали ја разнишуваат основата на европската перспектива и создаваат поделби и скептицизам. За да ја зачуваме европската иднина, неопходно е заеднички да се спротивставиме на оваа појава преку едукација, медиумска писменост и поддршка на независни извори на факти. Само така може да се гради општество кое ќе верува во својата иднина во Европа и ќе се бори за неа.

Зачлени се на нашиот е-билтен