„Денес, на лажни профили и преку пропагандни медиуми, беа објавени видео-снимки со цел да ја поврзат нашата иницијатива „Кој е следен?“ со еден онлајн разговор помеѓу група студенти и девојка од Србија. Ве известуваме дека нашата иницијатива нема никаква поврзаност со тој повик, ниту сме биле вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации“ велат од иницијативата „Кој е следен?“.
Тие велат дека доколку се погледне објавена снимка името „Кој е следен?“ не се споменува ниту еднаш, а логото на иницијативата е аматерски и намерно вметнато во аголот на видеото.
„Нашата иницијатива е граѓанска и како таква нема намера да се вклучи во студентското организирање, ниту да го инструментализира. Овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентично граѓанско незадоволство. Наместо да одговорат на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови“ велат од иницијативата.
Тие порачуваат дека притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури само дополнително ја зајакнува нивната волја.
„Ние не сме поврзано си нут една политичка партија и уште поважно – јавно ги осудуваме сите обиди за партизација на ‘Кој е следен?’. Нашиот револт не е алатка за политички поени, туку повик за достоинствен живот. Оваа сурова пропаганда нема да не замолчи. Нема да дозволиме да се угуши секој млад, независен и слободен глас. Нема да дозволиме елитите да продолжат да не газат! Денес ние сме мета на манипулации и лажни вести. Кој е следен?“ прашуваат од иницијативата.