Во недела, на 16 февруари, граѓанската иницијатива „Кој е следен“ организира протестен марш со цел, како што наведуваат, будење на граѓанската свест и моќ. Настанот ќе започне во 17:00 часот пред зградата на Владата.
„Оваа недела, 16.02.2025 во 17:00 часот, со почетна локација пред Влада, излегуваме на протестен марш! Не само како поединци, туку како заедница! Потребни сме му на нашиот град и на нашето општество заедно, како колектив што бара одговорност, неселективна правда и безбедност за секој граѓанин“, велат организаторите.
Во најавата за протестот се потенцира дека системот кој треба да гарантира заштита и правда сѐ почесто потфрла, а неговата нефункционалност носи сериозни последици врз граѓаните.
„Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да ги направи вистинските промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции“, истакнуваат од „Кој е следен“.
Тие повикуваат на суштински промени и на крај на неказнивоста, небезбедноста и ниските стандарди во кои, како што велат, повеќе нема да се помируваат.
„По одржаните јавни форуми, со вашата поддршка и стручната јавност, подготвивме конкретни мерки и барања до институциите, кои ќе овозможат поправеден, пофункционален и побезбеден систем за сите нас. Бидејќи заслужуваме подобро“, нагласуваат организаторите.
Клучните барања што иницијативата ги става во фокусот на протестот се:
- Безбедни улици и градови;
- Неселективен правичен систем;
- Едуцирана младина со морален компас во вистинската насока.
Организаторите порачуваат дека ова е момент кога граѓаните треба да се обединат и да ги побараат промените кои им следуваат.
„Време е заедно да го побараме она што ни следува како граѓани на оваа држава – за оние кои ги загубивме, за нас и за сите што доаѓаат по нас. Моќта е во наши раце. Моќта е во народот“, повикуваат од „Кој е следен“.