Во хакерскиот напад врз електронските адреси на обвинители од Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК), кој се случи на 12 март, можно е да се вмешани и политичари – тврди безбедносниот експерт и професор по криминологија Ервин Карамучо, во изјава за „Еуроњуз Албанија“.
Во врска со случајот досега се уапсени две лица: Арнолд Рокај, осомничен дека го извршил упадот, и Замбак Ѓони, за кој се тврди дека ги дистрибуирал украдените информации. Но, според Карамучо, зад оваа операција стојат и други, посериозни актери.
„Земени се истражни досиеја, информации и извештаи за случаи што јавноста сè уште не ги познава. Поради тоа, обвинителството е повнимателно и бара да се задржи тајноста, бидејќи постои ризик осомничените да се сокријат или побегнат,“ истакна тој.
Карамучо посочува дека уапсените немаат напредни хакерски вештини, што, според него, упатува на тоа дека биле само извршители, а не организатори.
„Тие имаат просечно ИТ знаење, што отвора сомнежи дека зад нив стојат поупатени и повлијателни луѓе. Некои од трагите, според прелиминарни – и засега непотврдени информации – водат до самото Собрание. Постои сомнеж дека во хакерскиот напад, директно или индиректно, се вмешани и политичари,“ рече Карамучо.
Тој додаде дека мотивот сè уште не е јасен – можно е да станува збор за обид за уцена, манипулација со истраги или одвлекување внимание од други прашања, што СПАК допрва треба да го утврди.
Од СПАК соопштија дека навистина било пријавено неовластено навлегување во електронските адреси на неколку обвинители, но дека внатрешниот систем останал заштитен.
„Упадот се однесува само на електронските адреси и не влијаеше врз ИТ системот во целина. Напаѓачите успеале да приберат одредени информации, но не и да пристапат до истражните досиеја. Беше направен обид да се хакира и службениот мејл на шефот на СПАК, Алтин Думани, но неуспешно,“ се наведува во официјалното соопштение на институцијата.
Во меѓувреме, медиумите јавуваат дека хакерите – албански државјани – пренеле украдени документи на различни адреси.
И лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, изјави дека хакерите дошле до истражни материјали кои го вклучуваат и неговиот случај.