Компаниите од автомобилскиот сектор во Македонија се на штрек поради најавените 25% царини на увоз на возила во САД, кои треба да стапат во сила на 2 април, а за автоделови во мај или подоцна. Иако сè уште нема детални анализи за влијанието врз извозот и вработеноста, сигналите не се позитивни.
Некои компании веќе преземаат чекори, како што е случајот со „Аптив“, која најави повлекување, додека други тивко го намалуваат бројот на вработени. Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“, предупредува дека ако извозот опадне за една третина, загубите би биле еквивалентни на македонскиот БДП.
Според податоците на АЦЕА, минатата година ЕУ извезла 749.170 нови автомобили во САД, вредни 38,5 милијарди евра, додека од САД во ЕУ биле извезени само 164.857 возила. Со оглед на тоа дека САД се вториот најголем пазар за европски автомобили, царините би можеле значително да ја погодат индустријата.
Проблемот е уште поголем бидејќи цените на возилата директно ќе се зголемат, што ќе ја намали побарувачката. Германските производители како „Фолксваген“, БМВ и „Порше“ ќе бидат најпогодени, а со нив и македонските компании кои произведуваат компоненти за нив.
Иако владите во Европа веќе подготвуваат стратегии за поддршка на автомобилската индустрија, во Македонија ова прашање засега останува во сенка на актуелните домашни случувања.
Извор: Независен