Корупција во здравството има, но никој не пријавува

Корупција

Корупцијата во здравството е нормализирана појава, пациентите често не ја препознаваат и речиси никој не пријавува, се главните заклучоци од истражувањето за искуствата, перцепциите и ставовите на граѓаните за коруптивните практики во здравствениот систем. Иако мнозинството испитаници ја перцепираат како сериозен проблем, само мал дел потврдуваат дека се соочиле со корупција во пракса.

Речиси 90% од анкетираните граѓани рекле дека не им била побарана, а дури 94% дека не понудиле корупција при користење здравствени услуги во изминатите 12 месеци. Од друга страна, најголем дел од испитаничките на фокус групите истакнаа дека лично се соочиле со корупција или знаат за нивни блиски кои имале таков проблем. Впечатлив е податокот дека ниту еден од испитаниците кои изјавиле дека им била побарана корупција не го пријавил случајот.

„Здравството е еден од секторите со најизразена разлика помеѓу доживеаната и пријавената корупција. Непријавувањето на коруптивните практики од страна на граѓаните најчесто е резултат на страв од негативни последици, губење на пристап до здравствените услуги или одмазда“, вели Дарко Антиќ од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.  

Истражувањето покажа дека давањето пари или подароци е најчеста форма на корупција во македонското јавно здравство односно дури 83 отсто од случаите припаѓаат на овие категории. Потоа следуваат практиките на препраќање во приватна здравствена установа или упатување во аптека да се купи конкретен лек.

„Во најнеповолна ситуација се пациентите кои имаат потреба од брзо обезбедување термини, дијагностички услуги и хоспитализација или оперативни зафати. Според искуствата на граѓаните, ваквите услуги често не се добиваат, или не се обезбедуваат во соодветен временски рок, сè додека не се плати поткуп“, изјави Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ.

Според истражувањето, жените се поизложени на корупција во однос на мажите. Загрижувачки е податокот дека една четвртина односно 25,3 отсто од испитаничките пријавиле дека коруптивно искуство при користење гинеколошко – акушерска здравствена заштита.

Дополнителен проблем е што голем дел од испитаниците ја поистоветуваат корупцијата со израз на благодарност, сметајќи дека мал подарок или услуга по завршен преглед претставува нормален гест, а не форма на поткуп.

Резултатите од истражувањето укажуваат дека корупцијата во здравството ја намалува довербата на пациентите, ја нарушува ефикасноста на системот и создава нееднаков пристап до здравствени услуги, при што има особено негативно влијание врз жените. Токму затоа, главна препорака е да се воспостават безбедни и доверливи канали за пријавување корупција и да се спроведат јавни кампањи кои ќе ги охрабрат граѓаните да пријават наместо да бидат дел од коруптивните практики.

Истражувањето се спроведе преку телефонска анкета на репрезентативен примерок од 1.040 испитаници, како и со одржување фокус групи во шест градови во Македонија, на кои учествуваа околу 100 жени од различни категории. Активноста е дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, кој Здружение ЕСЕ го спроведува со поддршка на Expertise France преку Agence française de développement.

Целосното истражување е достапно тука: https://esem.org.mk/snaogane-ili-koruptsija-neformalni-plakana-vrski-i-podarotsi-vo-zdravstveniot-sistem/

Зачлени се на нашиот е-билтен