„Во однос на Законот за употреба на македонскиот јазик би истакнала дека Владата имаше сенс за тоа дека во неговото оформување треба да учествуваат и научните работници и македонистите од од Институтот за македонски јазик како и другата стручна јавност преку јавните трибини и дискусии, при што сугестиите што беа насочени од страна на лингвистите влегоа во предлог-законот“, истакна д-р Весна Костовска, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“ во обраќањето на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“.
Костовска укажа дека „со овој Закон е многу важно што се проширува и се прецизира сферата каде што ќе биде задолжително да се употребува стандардниот македонски јазик кој повлекува и друг елемент, односно задолжително вработување лектори со лиценца и задолжително лекторирање на текстовите“.
Како важна придобивка од Законот за употреба на македонскиот Костовска го издвои стипендирањето на ученици од средните училишта од 4 година, кои се заинтересирани да студираат македонски јазик, за студентите на додипломски и постдипломски студии, како и кандидатите за докторско звање, со што ќе се очекува зголемување на интересот за студирање македонски јазик.
Д-р Весна Костовска од Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“ во своето обраќање на конференцијата „Година на европски можности“ нагласи дека македонскиот јазик не е загрозен.
„Јазикот не е загрозен. Јазикот не треба да се штити со застрашување, со некакви апокалиптични замисли. Едноставно добро е да се усвои Законот за употреба за македонскиот јазик во кој има многу работи коишто се вистински согледани и решени коишто ќе ја дадат основната рамка за почитување на стандардниот јазик“, посочи Костовска
Како научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“, Костовска зборуваше и за промените во институтот кои поттикнаа развој во исполнувањето на неговите надлежности.
„Можам многу да зборувам, тоа мислам дека и не одекнува толку силно колку што е важно тоа што се случуваше во Институтот во изминативе години, особено со упорноста на раководниот кадар и со оптимизмот, и со совршената соработка и сенсот на Владата и на министерствата. Ќе го истакнам тоа дека пред цели 24 години во Институтот за македонски јазик немаше вработено млад кадар, со исклучок на еден научник. Значи 24 години ние останавме без подновување на кадарот и немавме кому да го пренесеме своето знаење и немаше кој да соработува со нас, веќе сме возрасни и нам ни требаше кадар. Тоа се случи минатата година и 16 млади луѓе влегоа во Институтот. Институтот сега е жив. Сега Институтот бруи, во него се соработува, се разменуваат искуства“, поентираше д-р Весна Костовска, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“ во обраќањето на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“.
Р.Р.