Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.
На состанокот е разговарано за суштинските прашања во врска со напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите.
Реафирмирана е јасната порака на Соединетите Американски Држави, дека Република Северна Македонија, по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што, нашата држава има силна и конкретна поддршка од САД.
Нагласено е дека Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и е посочено на важноста – сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата.
При тоа, изразено е очекувањето дека сите политички лидери ќе го имаат предвид актуелниот контекст на случувања и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието.
На средбата со американската амбасадорка Агелер, како и при средбата на премиерот Ковачевски со сенаторот Крис Марфи во Скопје и на средбите со високите американски претставници Блинкен и Ескобар во САД, е потврдено искреното долгогодишно пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, кое што се развива на принципите на доверба и разбирање.
„Како Влада, ја почитуваме добронамерноста на нашиот голем и стратешки партнер САД, како и на другите пријателски држави, членки на НАТО и ЕУ коишто нè поддржуваат во следниот исчекор во евроинтеграциите, којшто има одредувачка насока кон полноправното членство на нашата држава во ЕУ. Реално е очекувањето тоа да се случи до 2030 година и подготвени сме со уште посилен интензитет да работиме на потребните реформски процеси. Граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на Европа, со европски квалитет на живот и европска иднина за младите, во родната земја“, рече премиерот Ковачевски, на средбата со амбасадорката Агелер.