Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека е отворена можноста за соработка со партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат на земјата. Ковачевски ова го кажа по најавата на пратеникот Скендер Реџепи Зејд дека ќе се сретне со премиерот.
-Во неколку наврати јавно кажав дека е отворена можноста за соработка со партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат на земјата, кои ги поддржуваат реформите во економијата, правосудството и во сите значајни области во државата. Мојата цел е напредок на земјата и унапредување на животот на сите наши граѓани. Средби со пратениците, од различни политички партии и кои делуваат независно се нормална работа во една демократија. Во оваа насока може да има средба со кој било пратеник за прашања важни за граѓаните а коишто се во надлежност на Владата којашто ја предводам. Со господинот Реџепи сме имале и ќе имаме средби, рече Ковачевски за ТВ21.
Вчера во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 Реџепи истакна дека ќе се сретне со премиерот Ковачевски и дека со него ќе разговара и за меѓународната истрага за судските предмети, односно за ветувањето со кое Алтернатива влезе во Владата.