На македонската политичка сцена јасно се профилирани два политички блока. Едниот, предводен од СДСМ, којшто иднината на земјата ја гледа интегрирана во ЕУ и антиевропски блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ, порача во интервју за Слбоден печат, Димитар Ковачевски претседател на СДСМ.
Ковачевски истакна дека неговата СДСМ успеала да направи многу на економски, општествен и меѓународен план и очекува граѓаните тоа да ги препознаат.
„Факт е дека во владеење на СДСМ земјата стана членка на НАТО, а во мојот мандат како премиер по 17 години чекање ги отпочна и преговорите со ЕУ. Факт е дека го реализиравме и го надминавме изборното ветување од 500 евра просечна плата. Во 2017 година просечната плата беше 360 евра, денес ние успеавме да ја зголемиме и изнесува 630 евра. Имаме воедно и рекордна минимална плата од над 22.500 денари колку што ќе биде со следното усогласување, а минималната плата во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ беше 8.000 денари. Значи над 130% повеќе. Имаме и историско ниво на пензии – просечната пензија е околу 20.000 денари, минималната е 13.000 денари, зголемени за 50% во споредба со времето на ВМРО-ДПМНЕ. Платите во ТИРЗ зоните пак веќе се над 1.000 евра.
Факт е дека обезбедивме најголема помош во време на криза од 2,6 милијарди евра. Никој не беше оставен сам. Со антикризните мерки најранливите и пензионерите добиваат финансиска поддршка, тоа беше случај и минатата зима и оваа, струјата ја субвенциониравме и до 90% за над 600.000 домаќинства и над 70.000 мали потрошувачи. Парното е субвенционирано исто како дел од антикризните мерки. Факт е и дека денес имаме невработеност под 13% за разлика од 2016 кога беше над 24%. Само во една година имаме зголемена вработеност и нови 10.000 вработени во државата. Факт е дека сега имаме највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година. До 2017 година имаше нула поддржани домашни компании од државата. За 6 години, владата предводена од СДСМ со 100 милиони евра државни пари, поддржа 919 домашни компании кои со тие пари реализираа 500 милиони евра инвестиции. Тоа се видливи и мерливи економски показатели“, посочи Ковачевски.
Осврнувајќи се на понудата на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на СДСМ посочи дека политиките на таа партија и блокот што го предводи, носат само уназадување на државата, додавајќи дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е променето.
„Вториот блок е антиевропскиот предводен од ВМРО-ДПМНЕ. Со политиките на тој блок до 2017 година Северна Македонија беше заробена држава, изолирана, со уназадена демократија, далеку од ЕУ и НАТО. Земја која беше на 138 место во светот по слобода на медиуми исто како што беше на дното на листите за сите показатели во однос на владеење на правото. Земја во која наместо кај граѓаните, парите одеа во стиропор кој денес се распаѓа, работникот беше потценет, третиран и продаван во светот како евтина работна сила. За жал, ние гледаме дека до денес ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која се нема поместено ниту милиметар од она што граѓаните го паметат во нивното 11-годишно владеење. Доволно е да се навратиме само во изминатите 2 години. Спроведуваа активна блокада во македонското Собрание и блокираа помош за граѓаните во време на криза. Го блокираат европскиот пат, а не кажуваат која е алтернативата. Велеа дека ќе се случела асимилација и бугаризација, а ниту излегоа пред граѓаните да им се извинат за лагите, ниту пак гласаа за договорот Фронтекс со којшто македонскиот јазик го етаблиравме во ЕУ. Немаа и сè уште немаат став за ниту едно важно прашање. Светски феномени по немање став. Партија која во 21 век сè уште говори за хорор, влечење за коси, која јавно кажува дека со нив нема ЕУ ниту за 100 години. Доволно е да погледне во каква очајна состојба го доведоа главниот град Скопје, да се види дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат реализирано ниту еден проект за 2 години и тој е заклучокот. Сè е исто во белиот дворец, тоа е истата антиевропска матрица, истакнува Ковачевски во интервјуто за Слободен печат.