Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: Скопје се издигна врз темелите на урнатините и уништеното

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на свечената седница во Собранието на Република Северна Македонија по повод шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје во 1963 година.

„Денес се сеќаваме на загинатите, сочувствуваме со нивните семејства кои сѐ уште ја чувствуваат болката, но исто така се сеќаваме и на храброста на сите оние кои од хаосот и руините на 26 јули, помогнаа да се роди едно ново Скопје.

Од една од најголемите трагедии кои ги доживува, градот со помош на скопјани, но и со помош од целиот свет успева да се издигне повторно.

Градот убав повторно никна.

Скопје се издигна врз темелите на урнатините и уништеното, се роди едно ново, модерно Скопје кое внесе нов, космополитски дух и енергија во која се сплотуваат старото и новото, современото и традиционалното.

Таа моќ на трансформација, идеја за подобро утре, никогаш нема да престане да нѐ инспирира.

Скопје стана симбол на светската солидарност, сплотеност и огромната пожртвуваност на сите оние кои помогнаа да се изгради градот кој доби нов архитектонски изглед.

Скопје денес е познат како град на солидарноста, и тоа дефинитивно не е само фраза. Град на солидарноста е кодот на Скопје.

Потресните слики од разрушените згради, тагата и болката за загинатите, за повредените ја поттикнаа големината на хуманоста, солидарноста, човечноста. Повикот за помош се слушна насекаде, а помошта почна да пристига од сите страни на светот.

Луѓето од целиот свет подадоа рака и заедно со нашите граѓани помогнаа Скопје да добие нов лик. Во тие моменти, непроценливи беа зборовите на утеха и споделување на тагата и болката со скопјани од последиците кои зад себе ги остави разорниот земјотрес“, вели Ковачевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен