Министерството за култура денеска ја претстави визуелизацијата за новата Универзална сала во Скопје, најавувајќи дека изградбата ќе почне во октомври и ќе чини 20 милиони евра. Но, јавноста забележа дека решението речиси целосно се совпаѓа со проектот што го презентираше поранешниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов во август 2021 година.

Тогаш, Шилегов објави фотографии од внатрешноста на идната сала, со идентичен концепт – препознатлива форма, современа акустика и ново уреден ентериер. „Драги скопјанки и скопјани, ова е новата внатрешност на Универзална сала! Скопје, една поинаква приказна!“, порача тој на 15 август 2021 година преку своите канали на социјалните мрежи.
Сегашното решение на Министерството предвидува 1.200 седишта наместо старите 1.500, нова сценска техника и енергетска ефикасност, но визуелната сличност со претходната презентација е очигледна.