Правењето ајвар и друга зимница во сопствен двор не е забрането, но начинот на кој се користи отворениот оган може да биде основа за казна. Според Законот за заштита и спасување, физичко лице може да биде казнето со глоба од 1.000 евра доколку со употребата на отворен оган ја загрозува околината или создава опасност од пожар.
По случај во скопско Волково и во Струмица, каде што полицијата излегла на терен откако било пријавено загадување со зачадување, се актуелизираат и нормите од законот.
Во македонското законодавство нема посебна одредба со која е забрането правењето ајвар во двор.
Законот за заштита и спасување, сепак, предвидува дека при користење уреди, средства и отворен оган граѓаните мора да постапуваат на начин со кој нема да ја загрозат околината и нема да предизвикаат пожар или експлозија, но и загадување на воздухот.
За непочитување на оваа обврска е предвидена глоба од 1.000 евра во денарска противвредност за физичко лице.
Различни правила важат кога зимницата се подготвува на јавна површина. Палењето оган и поставувањето ќумбиња на тротоари, улици, паркинзи, зелени површини и други јавни места може да биде предмет и на прописите за јавна чистота и комунален ред.
МВР во своите превентивни активности редовно апелира граѓаните да не палат оган на отворен простор на начин што може да предизвика пожар и да ги пријавуваат случаите во кои постои опасност.

