Мислат ли од ВМРО-ДПМНЕ дека народот заборави што зборуваа додека беа опозиција или се толку опиени од власта што мислат дека целата јавност пати од колективна амнезија? Ова што се случува денес е целосно излезено од контрола! Сѐ што со години жестоко го критикуваа, сѐ што нарекуваа „партиски инженеринг“, „закони скроени по мерка на поединци“ и деградација на институциите — денес не само што без срам го прават, туку го усовршија до сопствен минимум на достоинство. „Па људи моји, да ли је то могуќе?“, би рекол легендарниот Младен Делиќ гледајќи го овој нереален фестивал на лицемерие и двојни стандарди.
Истите тие кои држеа прес-конференции и изборни кампањи за тоа како НЕ треба, денес по скратена постапка штанцаат измени на Законот за извршување на санкциите, скроени директно по мерка на нивниот омилен кандидат Александар Пандов. Бидејќи неговата биографија не го исполнува законскиот услов од пет години работно искуство во затворскиот систем, решението на ВМРО-ДПМНЕ не е поставување соодветен професионалец, туку менување на законот и носење на “Законот за Пандов”. Ги бришат сите специфични критериуми за искуство, му го признаваат периодот како в.д. за да му се пополнат новите услови и дополнително му го продолжуваат мандатот од четири на пет години.
За им биде јасно на сите, вистинската манипулација лежи во кукавичката шема на поднесување: за да ги заобиколат сите системски филтри, законот го поднесуваат преку група пратеници наместо преку Владата. Со тоа свесно бегаат од објава на ЕНЕР, ги прескокнуваат задолжителните 20 дена за јавна расправа и целосно ја избегнуваат Проценката на влијанието на регулативата (ПРИ).
Илија Чилиманов, правен експерт и член на Извршниот одбор на ЛДП, вели дека овој случај правно претставува класична злоупотреба на скратената постапка, каде Собранието се користи како брза лента за штанцање системски „ad hominem“ закони со кои се скројуваат фотелји, се намалуваат критериуми и се бришат услови за да му се погоди на еден партиски фаворит.
Додека пратениците се претворени во обични кројачи за партиски желби, Владата лицемерно се крие во глувчешка дупка по народниот принцип „нисам одавде, жими мајка“. Ова веќе не е владеење на правото, туку бескомпромисна узурпација на институциите.
„Ваквиот брутален упад во правниот систем директно ги отвора сите основи за оспорување на овие измени пред Уставниот суд“, дополнува Чилиманов.
ЛДП нема да молчи пред ова срамно манипулирање — граѓаните гледаат и одлично паметат!

