Ленче Ристоска: Ми укажуваа да ја повлечам кандидатурата за Стразбур и водеа клеветничка кампања против мене

„Последниве два месеци имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање, беше неизвесна“.

Ова го напиша на социјалнитре мрежи Ленче Ристоска, една од предложените кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур од Северна Македонија, откако, како што вели таа, „Владата одбива да даде појаснување за тоа кои критериуми не ги исполнуваме како кандидати, што е спротивно на препораките на Советот на Европа“.

„Неиздржаноста на одлуката на Владата може да се насети од општата формулација за неприфаќање на листата, од нетранспарентноста и одбивањето да се дадат конкретни информации за критериумите кои наводно кандидатите не ги исполнуваат“, посочува Ристоска.

Таа укажува на препораките на Советот на Европа, според кои постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна.

„При вакви услови сосема е нормално и прифатливо и да не сте најдобриот кандидат и да не ја добиете позицијата за која аплицирате“, пишува Ристоска, но додадва дека „најповикани и најстручни да ги оценат кандидатите во рамки на националната селекција се Комисијата која беше формирана со оваа цел, како и советодавното тело на Советот на Европа, кои токму затоа се дел од процесот за предлагање на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права, а Владата, согласно препораките на Совет на Европа мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата“.

Зачлени се на нашиот е-билтен