Луксуз за политичарите, сиромаштија во синдикалната кошничка – Мицкоски вели не може од воздух да живееме

Додека премиерот Христијан Мицкоски ги убедува граѓаните дека синдикалната кошничка е непотребно зголемена бидејќи не морале да пијат нес кафе или да јадат цреши во зима, неговата влада набавува егзотично овошје, телешки бифтеци и морски плодови.

„Банани не јадам, ама не може од воздух да живееме“, изјави денеска премиерот, откако во јавноста излезе информацијата дека Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) набавила 600 килограми банани, како и папаја и манго. Во исто време, министерската за финансии Димитриевска-Кочовска го проблематизираше тоа што граѓаните во Македонија купуваат грашок во конзерва и трошат 18 литри млеко месечно, нарекувајќи го луксуз.

Сепак Мицкоски најави дека ќе ја проверел набавката според која Службата за општи и заеднички работи која минатиот месец набавила овошје и зеленчук од неколку милиони денари, набавка од која можеби најзабележителен дел беа аспарагус, манго, папаја, половина тон ореви и се разбира „гројзе и црешни“.

И додека просечниот граѓанин пресметува дали може да си дозволи основни производи, Владата ужива во најскапите деликатеси. Синдикалната кошничка им пречи, но не и јавните набавки за морски плодови и бифтеци.

Очигледно, за оваа власт, луксузот е проблем – но само кога треба да го имаат граѓаните, не и кога го уживаат функционерите.

Зачлени се на нашиот е-билтен