Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД низ годините спроведе неколку проекти за развој на деловниот екосистем и обезбеди помош за многу старт-ап компании да влезат во светот на бизнисот.
Реформите на економскиот сектор поддржани од УСАИД помогнаа за подобрување на рангирањето на Македонија на глобалните економски листи. УСАИД помага да се создаде деловно опкружување коешто е соодветно на потребите на приватниот сектор. Им помага на микро, малите и средните фирми да се усогласат со правните и финансиските регулативи, помага да се подобрат вештините и капацитетите на вработените во стопанските комори во однос на прашања за правна усогласеност, поддржува јавно-приватен дијалог, зајакнува капацитетит за лобирање и застапување на стопанските комори и работи на подобрување на ефективноста на инспекциските тела и инспекцискиот систем преку усогласување на законодавството, градење на капацитетите, професионалниот развој на инспекторите и спроведување на софтверски решенија за електронско управување.
Еден старт-ап кој сега е светски препознатлива компанија и работи со најголемите филмски студија во светот, FX3X, своите почетоци и својот развој го има токму со поддршка на УСАИД.
Основачите на компанијата се благодарни на поддршката која ја добиле од УСАИД, кои ја разбрале нивната професија и нивниот бизнис, па ги поврзале со професионалци во САД.
Тие велат дека при секоја апликација за работа на филм претходно, луѓето се чуделе каде е Македонија, но дека сега канцелариите во Македонија се поврзани со нивното студио во Холивуд и работат на најголемите светски блокбастери.
Во изминатите години проектите на УСАИД помогнаа за развојот на малите и и средните компании во земјава обезбедувајќи им финансии, но и подобрувајќи ја нивната финансиска писменост и управување помагајќи им да обезбедат проекти и да пристапат до финансиски ресурси.