Драго ми е што зачестува дискусијата за придобивките од регионалните соработки и интеграцијата во единствен регионален и во единствен европски пазар, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на отворањето на конференцијата ‘Регионален пазар на труд: Слободно движење на работната сила надвор од границите“ во рамки на проектот: „Отворен Балкан: Слободно регионално движење на работната сила во услови на недостиг од квалификувани работници“.
-Слободата на движење на работниците има економски, правен и социолошки аспект и нивната комбинација несомнено го оправдува формирањето на единствен пазар. На овој начин се овозможува да се пополни јазот кој се јавува на пазарот на трудот и им се дава можност и на работодавците и на барателите на работа полесно да дојдат едни до други. Поради важноста од економското интегрирање и поврзување на регионот, изминатите години Владата силно се посвети на регионалната соработка и иницијативите кои ја зајакнуваат македонската економија и се добри за нашата иднина, рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека е поттикната соработката и олеснета комуникацијата во Западен Балкан, особено во Отворен Балкан, знаејќи дека тоа ќе помогне многу во приближувањето до Европската унија, а истовремено ќе придонесе и кон подобрување на социјалното, политичкото и економското опкружување.
-Почетокот на преговорите со ЕУ ни наметна нова динамика во спроведувањето на реформите и потреба да се забрза нашата подготовка за целосна економска интеграција. Тоа нема да биде ни малку лесно и едноставно. Покажавме дека ги разбираме европските вредности и придобивките за граѓаните кои доаѓаат од регионалната соработка во рамки на „Берлинскиот процес“. Ја интензивиравме регионалната соработка со Иницијативата „Отворен Балкан“, која веќе овозможува практично да го гледаме и искусуваме функционирањето на заедничкиот пазар, заснован на европски правила и процедури. Отворен Балкан е забрзаувач на нашата европска интеграција, нов модел на отскочна даска кон ЕУ, одличен вовед и подготовка за интегрирање на македонската економија во европскиот внатрешен пазар. И да нагласиме одново, Отворен Балкан е во функција на ЕУ, а не замена за ЕУ. Тоа го знаат и го разбирааат огромно мнозинство од граѓаните и од компаниите, кажа Маричиќ.