Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на неговиот Фејсбук профил ја поздрави ратификацијата на законите од „Отворен Балкан“ од страна на Собранието со што граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија добиваат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи.
„Паѓаат работните дозволи за граѓаните од Отворен Балкан! Преку регионална соработка и оваа иницијатива, а врз основа на европската пракса и принципи, овозможуваме слободен пазар на труд меѓу земјите од Отворен Балкан и повисоки плати. Со денешната ратификација на законите од иницијативата „Отворен Балкан“ граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија добиваат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирање и чекања, без административни трошоци“, напиша Маричиќ на неговиот Фејсбук статус.
Според него, ова значи унапредување на регионалниот пазар и заеднички чекор напред кон единствениот внатрешен пазар на ЕУ.
„Мерката е значајна за македонската економија и за македонските компании кои стануваат поконкурентни и ќе можат да отвораат повеќе работни места и повисоки плати за граѓаните“, наведува Маричиќ.