Лидерската средба треба сѐ уште да ни биде некаква точка, некаква одредница од којашто може да градиме поинакви односи и поинаков правец на целата приказна, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Топ Тема.
– Факт е дека има отстапувања во последните неколку денови, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на некои претходни позиции, но она што е битно што според мене се преминаа веќе границите на оној наратив што до сега ДПМНЕ го градеше во изминатите година дена, а тоа е дека е ова предавнички договор, дека е тоа процес на бугаризација, процес на асимилација и нешто што ќе ни го одземе нашиот идентитет. Сега гледаме дека всушност принципиелно ВМРО-ДПМНЕ нема против внесувањето на Бугарите како дел од Уставот но разговараме за условите под кои што тоа би се направило за да се осигураме дека нема да има нови уцени или нови блокади од Бугарија и за да се осигураме дека нема нашиот идентитет да биде доведен во прашање, рече Маричиќ.
Тој смета дека доколку има вистинска желба кај опозицијата може низ разговор да се дојде до моделитетите што се во рамки на преговарачката рамка и што се во рамките на она што е веќе договорено за да се уверат дека можат да гласаат за уставните промени без да имаат грижи во однос на овие прашања.
– И СДСМ и ДУИ се поставија многу великодушно и отворено према идеите на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Ковачевски ја истакна понудата и за учество на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, лидерството на ДУИ јасно кажа дека доколку тоа е пресудно ДУИ може и да отстапи од учеството во Владата за определен период до завршувањето на гласањето до изборите, така што ако одиме на првите три што се суштински точки, а тоа е гласање со одложено дејство со амандманите или дополнителни гаранции од државите членки сметам дека можеме, прво да провериме што од тоа е реално возможно, инаку ние можеме таму да кажеме и да ставиме дополнителни услови кои што нема да ни помогнат за да ја преминеме наредната фаза, затоа е битно да правиме реални проценки и да правиме услови во разговорите кои што ќе ни помогнат да ја продолжиме наредната фаза на преговори, а не кои што ќе не сопрат, истакна Маричиќ.
Идентитетот никој не може да ни го оспори, а со Фронтекс и правно се осигуравме дека ЕУ нема проблем со нашиот јазик
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Топ Тема рече дека нашиот идентитет е милион пати верификуван и потврден и нашето чувство на наш идентитет никој не може да ни го оспори.
– Обидите на некои политички структури во Бугарија не може да се сметаат за политика на ЕУ и тоа беше нашата клучна борба во разговорите околу францускиот предлог, токму затоа ние да речеме кога го разговаравме францускиот предлог не баравме декларативна заштита на македонскиот јазик со политички изјави и декларации, напротив баравме конкретен чекор со којшто ќе се покаже на дело дека ЕУ нема проблем со нашиот јазик, тој конкретен чекор беше договорот со Фронтекс и затоа инсистиравме да има конкретна и правна форма и начин на кој што ќе се демонстрира на дело дека нашиот јазик не е е под никакво прашање, а не да бараме од било кој политички фактор кој што денеска е, утре не е, рече Маричиќ.
Според вицепремиерот првпат имало надеж на лидерската средба минатата недела дека може нешто да се промени.
– Јас ќе ви дадам пример бидејќи лично учествував и во разговорите во Клубот на пратеници минатото лето пред да го прифатиме вториот предлог, односно пред да го гласаме во Собранието. Немаше и тогаш волја и тогаш се движевме во рамките на нереалното или невозможното од страна на опозицијата. И тогаш се бараше да стапат на крајот и тогаш се бараше Бугарија реципрочно да спроведе дел од пресудите. Ние не велиме дека не треба, напротив сметаме дека треба. Меѓутоа има механизми низ кои Бугарија може да се притисне за да ги спроведе тие пресуди, а не на начин на којшто ние го ставаме тоа како точка на преговори. Бидејќи тоа беше можност да ги заглавиме преговорите. И тогаш во разговорите се обидов да ја замолам опозицијата да се движиме во реални рамки затоа што нашата цел е да изградиме консензус за таа интеграција а не да останеме во блокадата, кажа Маричиќ.
Тој повтори дека интензивно постоеле обиди за влучување во преговарачкиот процес, но власта не наишле на позитивен сигнал од страна на опозицијата.
Тие што би гласале против уставните измени ќе треба да одговорат зошто регионот оди кон ЕУ, а ние не
– Со мирна совест можам да кажем дека сме направиле се за Северна Македонија да продолжи на патот кон европските интеграции, да го оствариме сонот за европска Македонија, за Северна Македонија членка на ЕУ, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Топ Тема.
– Тие што ќе гласаат против и тие што ќе решат да си натметнат ново вето овој пат самите на себе тие ќе треба да даваат одговор на граѓаните зошто треба да чекаме уште десет години, а во меѓувреме Албанија, Србија, Црна Гора, Украина и Молдавија да одат напред и да станат членки на ЕУ, кажа Маричиќ.
Тој вели дека неговиот впечаток е дека првото гласање ќе биде успешно кога и да биде.
– Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против тоа е моето прашање. За уставните амандмани, дали ќе гласаат против? Бидејќи не гласаа против ниту за амандманите од Преспа, ја напуштија седницата, не гласаа против ни за францускиот предлог ја напуштија седницата по два дена трубење во Собранието, кажа вицепремиерот.
Тој додаде дека Владата го разгледува предлог решението за уставните измени на Работната група што е во Министерството за правда и ќе се оцени вистинскиот момент во дискусија на Влада кога е најсоодветно да се пушти таа иницијатива во процедура.
– Добро е доколку ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да учествува во неа да разговараме под кои услови, на кој начин би ја пуштиле дури и заеднички или со заедничка согласност, но за тоа треба да седнеме да разговараме и затоа е важно затоа секојдневно упатуваме да седнеме на разговор на кое ниво сакаат и со кого сакаат од нивна страна за да дојдеме до точниот календар како понатаму, истакна Маричиќ.
Тој додаде дека на секој од условите може да се изнајде сатисфакција кај ВМРО-ДПМНЕ, освен за оној кој излегува надвор од рамките на преговарачката рамка и заклучоците на Советот.