Марија Митева на чело на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ: За „една повеќе” или за многу помалку?

Марија Митева

Зошто токму Марија Митева, ако се знае дека УЖ на ВМРО ДПМНЕ никогаш немала ваква „современа” лидерка и ваков стил на активности ослободени од традиционалната иконографија и навидум повеќе граѓански, каков што таа промовира деновиве со нејзината кампања низ општинските комитети.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Кога премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лично соопшти дека Марија Митева ќе ја предводи Унијата на жени на партијата, тоа беше многу повеќе од кадровска информација.

Тоа беше политичка порака затоа што за првпат на ова место доаѓа личност која во широката јавност не е најпрепознатлива по долгогодишната работа во локалните комитети и партиската база, туку како портпаролка на Владата, членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и една од најекспонираните личности од најтесниот круг околу Мицкоски.

Зошто токму Митева, ако се знае дека УЖ на ВМРО ДПМНЕ никогаш немала ваква „современа” лидерка и ваков стил на активности ослободени од традиционалната иконографија и навидум повеќе граѓански, каков што таа промовира деновиве со нејзината кампања низ општинските комитети.

Две различни епохи на Унијата на жени

Ако се погледне архивата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во последните дваесетина години, се забележува речиси непроменет модел.

Фотографиите од конгресите, извештаите од локалните комитети и јавните настапи постојано ги повторуваат истите мотиви.

Семејството. Мајчинството. Традицијата. Хуманитарните акции. Црковните празници. Жените од локалните комитети. Масовните собири. Народните носии. Традиционалната сценографија.

УЖ на ВМРО-ДПМНЕ некогаш…

Пораката што ја испраќаше Унијата беше јасна: жената е столб на семејството, локалната заедница и националниот идентитет.

Токму затоа Унијата на жени со години претставуваше еден од најконзервативните и најстабилните делови од партиската инфраструктура.

Со изборот на Марија Митева како да се прави обид за поинаква визуелна и комуникациска матрица.

Во нејзините јавни настапи речиси и да не доминираат темите што со години беа препознатлив знак на организацијата.

Наместо тоа се слушаат зборови како лидерство, професионализам, можности, енергија, вклучување, заедница и слоганот #ЗаЕднаПовеќе.

Тоа е речник многу поблизок до корпоративниот ПР и современиот политички маркетинг отколку до класичниот, традиционален партиски наратив за мобилизација.

Од партиската база до телевизиските камери

Разликата не е само во реториката. Таа е и во политичката биографија. Претходните претседателки на Унијата на жени најчесто доаѓаа од партиската база.

Со години ги градеа локалните комитети. Ги познаваа месните организации и нивниот авторитет произлегуваше од долгогодишната работа со членството.

Марија Митева има сосема поинаква политичка биографија.

Додека партијата беше во опозиција имаше делумно вакви активности но многу повеќе се градеше како лик кој ќе биде и ново лице на партијата.

Сега е препознатлива како владина портпаролка. Речиси секојдневно комуницира со јавноста и очигледно дел од најтесниот политички круг околу Мицкоски. Не заради врската како портпарол и професионално дел од потесниот кабинет на премиерот, туку и заради партиско-идеолошката матрица на кој ѝ припаѓаат и двајцата.

За првпат Унијата на жени добива претседателка која не е избрана затоа што прво „израснала“ низ партиската организацијата и активсност, туку затоа што веќе изградила јавен имиџ.

Тоа претставува суштинска промена во начинот на кој партијата ја разбира улогата на оваа организација.

Што кажуваат истражувањата?

Иако не постои јавно достапен социолошки профил на женското членство на ВМРО-ДПМНЕ, достапните истражувања овозможуваат да се насети неговата структура.

Студијата „Women in Politics II“ на Реактор покажува дека голем дел од членките на ВМРО-ДПМНЕ, било како локални советнички, пратенички или едноставно членки, имаат повеќе од 15 години партиски.

Тоа укажува дека организацијата е изградена врз долгорочна лојалност и силни локални врски, а не врз постојано регрутирање ново членство и особено не преку јавни или медиумски настапи.

Истражувањата на Националниот демократски институт (NDI), пак, покажуваат дека жените генерално како приоритети ги препознаваат здравството, образованието, економската сигурност, локалните услуги и социјалната заштита, додека симболичките политички пораки имаат значително помало влијание врз нивните политички определби.

Дополнително, анализите на Меѓународниот републикански институт (IRI) покажуваат дека кај поконзервативните гласачи силно влијаат довербата, традицијата и чувството на припадност кон организацијата.

Токму затоа новата комуникациска стратегија отвора суштинско прашање.

Дали и зошто Мицкоски ја ребрендира Унијата на жени?

Се разбира, изборот на Марија Митева тешко може да се објасни како случајност.

Мицкоски можеше да избере уште една претседателка од оние со долгогодишната партиска база.

Не го направи тоа. Избра една од најекспонираните личности во Владата.

Тоа нѐ доведува со клучната поента: Промената не е организациска, туку комуникациска.

Не се менува само претседателката.

Се менува начинот на кој партијата сака јавноста да ја доживува женската организација.

Од традиционална организација што се обраќа пред сè кон својата база, кон модерна политичка платформа што треба да биде привлечна и за жени кои досега не биле дел од партијата.

Што всушност значи #ЗаЕднаПовеќе?

Новиот слоган не звучи како класична партиска мобилизација.

Тој повеќе потсетува на маркетинг-кампања, на корпоративен слоган, на комуникација што сака да биде современа, позитивна и инклузивна.

Во политичкиот маркетинг тоа има логика, особено кај партиите кои долго време имаат „устоено“ партиско или гласачко јадро.

Очигледно се сетиле дека им треба освежување. Но, останува нејасно дали новата комуникација, или стратегија, е наменета токму за урбани, образувани и професионално активни жени кои досега не се препознавале во традиционалниот имиџ на Унијата на жени.

Прашањето што допрва ќе бара одговор – Дали ВМРО-ДПМНЕ има политичка содржина и порака наменета за посовремена и поумерена публика?

Она што засега не може да се измери е најважното. Зашто рано е да се истражи како женското членство на ВМРО-ДПМНЕ го доживува овој пресврт.

Во тек е, како што рековме, индивидуализираната кампања на Митева низ општинските комитети и ведрината и оптимизмот на фотографиите е само комуникациски, пропаганден ефект.

Оттаму, ако е рано да се заклучи дали новата стратегија ќе биде успешна или неуспешна, политичката дилема веќе е поставена.

Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се обидува преку Марија Митева да привлече нови урбани, образувани и професионално активни жени, дали истовремено ќе успее да го зачува чувството на припадност кај долгогодишното, претежно локално организирано женско членство што со децении ја градеше партиската инфраструктура?

Тоа е прашање на кое може да донесе одговори кои не мора да се пропорционални на промената што сака да ја постигне ВМР-ДПМНЕ со именувањето на Марија Митева за претседателка на УЖ на партијата.

Тој одговор ќе покаже дали Марија Митева и слоганот #ЗаЕднаПовеќе ќе стане успешно политичко ребрендирање или ќе покаже дека во политиката не е секогаш доволно да се промени комуникацијата ако се потцени базата на која таа треба да ѝ се обрати.

Најчитано