Мицкоски дезинформира и спинува меѓу две лопати бетон, кога рече дека сме таму каде што сме биле пред 25 години

Мицкоски

„Пред 8 години кога менувавме имиња и презимиња ни велеа дека сме ‘фронт ранери’. И кога ќе смениме име и презиме за 3-4 години сме во Европската Унија, тие 3-4 години изминаа пред 3-4 години. Кај сме ние денес? Онаму кај што бевме пред 25 години“.

Ова е дел од одговорот на премиерот Мицкоски на новинарско прашање да го коментира извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во евроинтеграциите, во кој по којзнае кој пат е нотирано дека земјата не го исполнила единствениот услов, уставните измени, за да ги продолжи преговорите со ЕУ.

Со тоа Мицкоски уште еднаш потврди дека смета на кусото паметење на граѓаните, медиумите и другата јавност и дека ако продолжи да кажува невистини тие моѓат да станат вистина.

Но, затоа се тука записите во медиумите, во архивите, во одлуките и записниците на државните институции.

Овде ќе приложиме само дел од фактите за да споредиме дали денес сме навистина таму каде што бевме пред 25 години. Еве што вели времепловот од 2021 година до денес, 25 години подоцна:

– Во април 2001 Македонија прва го потпишува Договорот за стабилизација и асоцијација, што е прв чекор на процесот на интеграција.

– Во декември 2005 година,  Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ,

– Во октомври 2009 година,  Македонија доби препорака за почеток на преговорите со ЕУ, со дополнително условување за развој на добрососедските односи. Таа препорака за почеток на преговорите беше повторувана сѐ до 2015-та година, кога заради политичката криза предизвикана од „заробената држава” на ВМРО-ДПМНЕ потврдена во Извештајот на Прибе, Европската комисија ја замрзнува препораката.

– Таа препорака повторно ја добиваме во 2018-та година по бранот реформи кои ги спроведува тогашната Влада на СДСМ.

– 1 август 2017 година – Потпишан е Договорот за добрососедство со Бугарија, на македонски јазик.

– 17 јуни 2018 година – Преспанскиот договор со Грција експлицитно го потврдува македонскиот јазик и идентитет, согласно член 1(3) и член 7. Грција и светот прифатија дека граѓаните на нашата земја се МАКЕДОНЦИ и дека тоа име може да се користи без никакви ограничувања.

– 2019 година година – Обединетите Нации го потврдуваат македонскиот јазик како официјален за меѓународна употреба.

– 29 јули 2021 година – Собранието донесе, со 95 гласа ЗА, Резолуција за утврдување на македонските црвени линии предложена од тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а прифатена од најголем дел на пратениците од тогашното мнозинство вклучувајќи го СДСМ,

– 16 јули 2022 година – Собранието донесе Заклучоци за дефинирање на македонските државни и национални позиции во однос на преговарачката рамка со ЕУ, каде без никаква дилема беше утврдена заштитата на македонскиот јазик и сите други идентитетски обележја како прашања за кои никој нема да преговара,

– 19 јули 2022 година – Усвоена е преговарачката рамка со ЕУ (Француискиот предлог), во којашто јазикот е јасно именуван како македонски.

– Од септември 2022 до декември 2023 Северна Македонија успешно го завршува процесот на скрининг и за тоа добива признание од Европската комисија. Потоа ги добиваме скрининг Извештаите и Патоказите за владеење на правото и за реформи во јавната администрација.

– Во април 2024 година – Европската комисија го прифати пакетот реформи во рамките на Планот за раст како патоказ што треба да направи Македонија во усогласувањето на сопствените со стандрадите на ЕУ и за нивната имплементација се стекна со право на користење на 8,2 милијарди евра од фондовите на ЕУ.

Ете тоа е кусиот времеплов кој апсолутно потврдува дека Македонија воопшто не е таму каде што беше пред 25 години, како што тврди Мицкоски. Македнија од јуни 2024 година само стагнива па дури и назадува на тој план, иако Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека уставните измени и спорот со Бугарија ќе го решат до крајот на таа 2024 година.

Од сето ова може само да се заклучи дека Мицкоски си ја потврдува титулата „извор на дезинформации“ која што му ја додели ЕУ уште во 2020 година, кога неговиот профил на социјалните мрежи беше ставен во ист кош со оној на Миленко Неделковски и Никола Груевски како дезинформатори.

Зачлени се на нашиот е-билтен