Мицкоски: Ќе сториме сѐ што е во наша моќ за да ги почнеме преговорите со ЕУ, но тоа нема да го направиме како „модерни“ Македонци

Ќе сториме се што е во наша моќ да ги почнеме преговорите, но тоа нема да го направиме како модерни Македонци, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за тоа дали Владата има временска рамка до кога ќе се обидува да изнајде некаква промена на нашата преговарачката позица или постои можност целиот владин мандат да помине во барањето на подобрата позиција.

Мицкоски во својот одговор се осврна на повеќе аспекти на евроинтегративниот процес, а во однос на последните случувања во Европскиот парламент, околу извештајот на Томас Вајц, напомена дека во ЕП изминатите години не е донесен извештај, бидејќи како што, рече воопшто не станувало збор за македонски јазик и македонски идентитет, туку за „северномакедонски јазик и идентитет“.

-Тоа е сосема различно од сегашната состоба. Сега на три места има македонски јазик и македонски идентитет, предложен како амандман на европратеници, извештајот го помина првиот филтер во ЕП, во Комисијата за надворешна политика (АФЕТ). Тука бугарските претставници преку еден европратеник, кој излезе во името на неколку групи, вклучително и нашата ЕНП, вашата ПЕС, либералите Ренју и зелени и рече да го модифицираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик со зборчето „модерен“. Суштината не е Бугари во Уставот и трите нови етнички заедници, кои би ги додале, туку да создадеме нов топоним, „модерен“ македонски јазик на „модерни“ Македонци, кои се дел од „модерниот“ македонски идентитет и тоа е суштината на францускиот предлог, истакна Мицкоски во одговорот до Филипче и рече оти жали што тоа тие не го согледале, иако во минатото ги предупредувале. 

Изрази надеж дека и тие како опозиција ќе работат поинтензивно следните две недели до пленарната седница на ЕП и додаде дека Владата ќе продолжи да работи и со европратеници и со други релевантни фактори.

На забелешките на Филипче во поставеното прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ кога била во опозиција одбивала да учествува во работните групи за т.н. француски предлог и што всушност претставува проблем да се внесат трите етнички заедници во Уставот, меѓу кои и Бугарите и да се оди чекор по чекор, Мицкоски нагласи дека неговата партија во 2022 година не одбивала состаноци за предлогот, туку напротив молела и нудела соработка, но не и било овозможено. 

-Три пати повторивте чист македонски јазик, чист македонски идентитет, а велите никој нема право да преговара за тоа, па зошто сте преговарале, зошто сте преговарале за идентетот и јазикот, ако никој нема право да преговара…зошто за мене сте преговарале, а не сте ме прашале, зошто сте преговарале за мнозинството граѓани во Македонија, а при тоа знаете дека немате услови да го испорачате тоа што сте го договарале…и тогаш бевме на лидерска средба и ви реков нема да помине и предложив две измени за да застанеме сите позади тоа, но бев одбиен, рече Мицкоски.

Во однос на трите етнички заедици, Мицкоски напомена дека нема проблем да се стават и 30 етнички заедници, но има проблем со континуираната негаторска политика кон нас.

-За трите етнички заедници, немам проблем да ставиме и 30, но имам проблем да разговарам на тема во која континурано некој нас не негира, континурано некој нас не оспорува и ни го ускратува правото да бидеме тоа што сме. Исто така имам право да се сомневам дека тоа не е ниту последната, туку можеби не знам која поред отстапка што треба да ја направиме, а при тоа да не ја завршиме трката и по пат нешто ново да ни се случи. Таков е оној предлог, францускиот и тој е единствениот предлог во современа Европа, во која членството на една држава во ЕУ зависи од работата на Комисијата, која ја толкува историјата, бидејќи во протколот, потпишан од поранешниот министер јасно стои дека мора Комисијата да ја заврши својата работа пред Македонија да стане членка на ЕУ, рече Мицкоски.

Премиерот во однос барањето за внесување на македонски претставник во Министерскиот совет во Бугарија, кој управува со Комитет за етнички прашања, нагласи дека тоа е сосема легитимно барање. 

-Што е нелигитимно и ненормално да бараме во Министерски совет кој управува со Комитет задолжен за етничките прашања, праша Мицкоски и нагласи дека таму има претставници на други етнички заедници, но не и на македонската во Бугарија, бидејќи ним име ускратено правото да се организираат во здружение, кое потоа треба да го предложи својот претставник. 

-Тоа се случува и покрај тоа што има 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, од кои барем девет од нив велат дека Бугарија треба да дозволи регистрација на ОМО – Илинден Пирин и во следен чекор да предложи претставник, кој ќе членува во тој Комитет, нагласи Мицкоски и додаде дека тоа е нешто што сите во Парламентот треба да го поддржат, заеднички да побараат Македонците да имаат свој претставник во тој Совет.

Филипче по дадениот одговор од премиерот нагласи дека додека биле на власт за јазикот никогаш не се преговарало, тоа биле нивните црвени линии, а во однос на случувањата во ЕП и можноста да помине амандан со кои се дообјасува македонскиот јазик и идентитет нагласи дека сега е потребна сериозна координација во Парламентот, но и на сите институции, за како што рече, да ги обединиме силите, со цел таков амандан да не помине во Европскиот парламент. 

Зачлени се на нашиот е-билтен