Мицкоски, кој ЕУ го означи како извор на дезинформации, отвора конференција за хибридни и информациски закани

Мицкоски

Во Скопје денеска ќе се одржи конференцијата „Хибридни и информациски закани: од препознавање кон национален системски одговор“.

На конференцијата, во организација на Институтот за комуникациски студии, воведни обраќања ќе имаат претседателот на Владата на Република Северна Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски и амбасадорот на Обединето Кралство во Северна Македонија, Метју Лосон. На панел-дискусијата ќе говорат министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и професори и експерти во областа од државата и од Европа.

На настанот ќе биде промовиран документот за јавни политики што го подготви ИКС со наслов „Институционален одговор на странското мешање и манипулирање со информации во Северна Македонија: модели и опции за политика“.

И сето тоа е во ред, но еден важен факт го прави проблематично учеството на премиерот Мицкоски на оваа конференција

Еве зошто: Во 2020 година студијата е изработена од страна на Генералниот директорат за надворешна политика на Европската Унија по нарачка на Европскиот парламент и објавена на неговата интернет-страница под наслов „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“, го означи Христијан Мицкоски, како извор на дезинформации.

Во таа студија, профилот на социјалните мрежи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е наведен заедно со оние на Миленко Неделковски и Никола Груевски како извор на дезинформации. Во студија на ЕУ се наведуваат и повеќе македонски медиуми.

Дезинформациите остануваат моќна сила кои ги нарушуваат состојбите во внатрешната политика во Северна Македонија, иако по промената на власта (во 2017, н.з.), тие се истуркани на маргините, се наведува во студија објавена на страницата на Европскиот парламент.

Во неа поименично се наведуваат медиумите финансирани од унгарски бизнисмени во Северна Македонија како главни извори на дезинформации, но исто така се посочува и на профилите на социјалните медиуми на повеќе личности, меѓу нив, и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„За разлика од повеќето земји во регионот, каде медиумскиот пејзаж е релативно стабилен веќе една деценија и повеќе, во Северна Македонија имаше две значајни промени во структурата на нејзиниот медиумски систем, и обете имаа последици за продукцијата и ширењето на дезинформации“, се наведува во анализата.

Според студијата, првата значајна промена се случила за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, и особено во последните години од тоа владеење, кога водечките медиуми биле под строга контрола на партијата и биле вмешани во „речиси сите дезинформациски активности на партијата“, се наведува во оваа студија на ЕУ од 2020 година.

Нивната цел, се наведува во студијата, била да се дискредитираат политичките противници и да се промовираат националистички, и честопати антизападни, ставови. По промената на владата (во 2017, н.з.), клучните телевизии ја промениле уредувачката политика, и известувањето станало побалансирано и професионално. 

Рацин.мк во два наврати побара објаснување од организаторите, Институтот за комуникациски студии, зошто на конференцијата „Хибридни и информациски закани: од препознавање кон национален системски одговор“, Мицкоски е поканет да има поздравно обраќање?

До објавувањето на овој текст, на 4 часа пред почетокот на конференцијата, не добивме одговор.

Инаку, Конференцијата се организира во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Хибридните закани кои комбинираат воени, политички, економски, кибер и информациски методи денес претставуваат еден од најсложените безбедносни ризици за демократијата. Странското мешање и манипулирање со информации (СММИ), како дел од овие закани, имаат за цел преку злоупотреба на информациските канали да предизвикаат институционална парализа и општествена криза. Северна Македонија, како земја членка на НАТО, со евроатлантска ориентација и геостратегиска положба во регионот, се наоѓа во опкружување каде што дезинформациските кампањи често се користат за влијание врз јавната перцепција, за поларизација во општеството и за подривање на довербата во институциите, се вели во поканата за конференцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен