МПЦ-ОА ги зацврстува врските со црковна Москва, доби признавање од Православната црква во Америка, рожба на Московската патријаршија

Autor: Karensoup - http://en.wikipedia.org/wiki/File:St_Nicholas_Wash_DC1.jpg, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=10665862
Autor: Karensoup – http://en.wikipedia.org/wiki/File:St_Nicholas_Wash_DC1.jpg, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=10665862

МПЦ-ОА ги зацврстува врските со црковна Москва, доби признавање од Православната црква во Америка, која е рожба на Московската патријаршија.

Светиот архијерејски синод на Православната црква во Америка донесе одлука за признавање на каноничноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и целосно евхаристиско општење со нејзините епископи, свештенство и верници.

Оваа одлука, како што пренесува Литургија.мк, беше соопштена од страна на поглаварот на Православната црква во Америка, архиепископот Вашингтонски и митрополит на сета Америка и Канада г.г. Тихон во неговиот извештај од 15 јули 2025 година, претставен пред 21-от Сеамерикански црковен собор, кој оваа недела се одржува во Феникс, Аризона, САД.

Оваа одлука следи по барање на српскиот патријархот Српски г.г. Порфириј кој во официјална кореспонденција со митрополитот Тихон, побара Православната црква во Америка, согласно Томосот даден од Српската православна црква, да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Канцелариите на митрополитот Тихон и архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан се во комуникација и планираат сослужување помеѓу двајцата претстоители, кое ќе се одржи во катедралата „Свети Никола“ во Вашингтон. Ова сослужување, како што информираше митрополитот Тихон на Сеамериканскиот Собор, ќе биде крунисано со свечено признавање на автокефалноста на Македонската православна црква, која го зазема своето место покрај Православната црква во Америка како целосно автокефална помесна православна црква – се вели во известувањето на официјалната веб странница на Православната црква во Америка.

Православната црква во Америка доби автокефалност од Руската православна црква во 1970 година. Автокефалноста е признаена од Руската, Српската, Бугарската, Грузиската, Полската и Православните цркви на Чешката и Словачката Република.

Не е признаена како автокефална црква од Православните цркви на Цариград, Александрија, Антиохија, Ерусалим, Романија, Кипар, Грција и Албанија, иако имаа воспоставено канонско и евхаристиско единство со неа. Тие продолжуваат да ја сметаат за самоуправна црква во рамките на Руската православна црква.

Зачлени се на нашиот е-билтен