Николовски во „Интеркултура“: Не е проблем дали црквата има имот, прашањето е што прави со тој имот

Во очи на синодската седница на МПЦ-ОА, на која треба да биде избран новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, во новата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостин е Марјан Николовски, новинар и добар познавач на верските состојби.

Алаѓозовски и Николовски разговараат за реакциите, граѓанските протести и другите контроверзи што го следат овој избор, но и за начинот на кој црквата располага со својот имот и други верски прашања.

Според Николовски, не е добро тоа што прекутрупа се избираат и промовираат кандидати за владици, во ситуација кога има повеќе припадници на високиот клир што ги задоволуваат условите да бидат митрополити. Според него, процедурата е на работ на канонот и таа припаѓа на едни минати времиња од комунизмот, кога Црквата се соочувала со потешкотии во постоењето, а не на сегашноста. Тој потсетува дека во последните две децении владиците се назначуваат од активното монаштво и дека тоа е тренд што треба да се следи и сега.

„И сега имаме реално судир меѓу тие што ја препознаваат црквата каква треба да биде и оние традиционалисти и историски припадници на црквата, коишто сметаат дека националниот елемент е најважниот во црквата и коишто ја бранат црквата од оние коишто, всушност, ја живеат црквата. Тоа е нешто слично како на денот кога Понтиј Пилат ги праша луѓето кого сакате да го изберете, Бараба или Христос, и они го избраа Бараба. А тие истите денес го бранат христијанството од апостолите коишто останаа со Христос. Така што, тоа е таа перцепција којашто ние ја имаме на религиозната карта на Македонија. За жал, голем дел од клирот, висок на Македонската православна црква не успева со години да ги едуцира своите верници за да им каже што е вистинска црква а што не е вистинска црква, затоа што патриотизмот не е црква, него црква е нешто друго“, смета Николовски.

Тој проценува дека имотот што го има МПЦ е двојно поголем од оној што беше констатиран во анализата на истражувачката мрежа БИРН.

„Тоа истражување на БИРН е само еден аспект. Таму ги нема, на пример, државните обврзници што ги добија верските заедници за обештетување за имотот којшто не успеаја да го вратат назад како имот. Имаше случај, кога одредени, денес владици, коишто се во црковна постапка и разрешувани од одредени функции за злоупотреба на дел од тие државни обврзници. Ние не знаеме, да речеме, колку државни обврзници добија МПЦ и ИВЗ за имот којшто не го вратиле. Таму, според една проценка моја, анализа моја којашто ја направив, врз основа на територијалната карта на Македонија и километрите квадратни, МПЦ и ИВЗ, поседуваат, според она што го објави БИРН, некаде околу 0.5 % од територијата на Македонија. Мојата пак, анализа е дека е над 1%, поседуваат. Има голем дел од тие имоти кои ги нема во тоа истражување, зашто во меѓувреме МПЦ ги продаде, ги инвестираше. Да речеме, градскиот плоштад и паркингот карши Холидеј ин, којшто беше имот на Лешочкиот манастир, а Лешочкиот манастир беше во една епархија којашто се викаше Полошко-кумановска, па откако умре владиката Кирил станаа две епархии“, посочи Николовски.

Николовски е критичен кон начинот на кој МПЦ располага со својот имот. Тој смета дека таа треба да се огледа на добри примери од другите помесни цркви за сите најразлични начини на коишто таа може да ја извршува својата мисија.

„Не е проблем дали црквата треба да има имот. Треба да има имот. Прашањето е што прави со тој имот. На пример, Романската црква има 450 здравствено – социјални институции, со коишто учествува активно во романскиот социјален живот. Болници за сиромашни луѓе, болници за лица со посебни потреби, школи за лица со посебни потреби. Романската православна црква е класичен пример како во современиот свет треба да изгледа улогата на една православна црква или современата политичка теологија што треба да ја има во едно општество црквата. Кај нас, кога ќе им го кажете тоа на луѓето од црквата, они ќе речат – не, ние не сме тоа. Црквата кај нас не е само институција за венчавки и погреби и крштевки, туку има и некоја друга мисија. Е сега, имаме ситуација, каде што одредени луѓе и самоиницијативно работат на тоа поле, како Бигорски да речеме и некои други и, коишто кога ќе покажат резултат во општеството, паѓаат во очи на другите и другите решаваат да им удрат сатарот“, заклучува Николовски.

Според него, не е изненадувачки интересот за изборот на митрополит на оваа епархија, имајќи предвид дека е една од најголемите и најбогата во однос на сите други епархии, посебно што во нејзини рамки влегуваат туристички области како Охрид, Струга или реканскиот крај.

„На сметката на Дебарско-кичевската епархија има неколку десетици милиони евра оставени од владеењето на дедо Тимотеј, кои што Тимотеј, меѓу другото и лично можам да посведочам, затоа што сум разговарал со него за една од идеите, тоа го имаше и по медиумите, да учествува во инвестициите, епархијата да учествува во изградба на хидроцентрали. Тоа го правеше Албанската православна црква и покојниот сегашен архиепископ, во кои енергијата произведена во тие хидроцентрали, на еден или на друг начин би се користела за покривање на трошоците на манастирите и на црквите. Е сега, јас не сум сигурен дека идејата на раководството, на високиот клир на МПЦ, е дека треба да се продолжи со таа иницијатива, што според мене е добра, туку веројатно, мислат дека битката е како тие пари да завршат на некој друг начин“, резимира Николовски.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура”.

Зачлени се на нашиот е-билтен