Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нов предизвик во македонското образование – Што ќе се случи со предметите философија, логика и етика

Новата Концепција за гимназиско образование предизвика силни реакции во јавноста, особено меѓу професорите по философија, логика и етика. Триесетина професори испратија отворено писмо во кое остро ја критикуваат реформата, нарекувајќи ја „радикално и категорично неприфатлива“. Според нив, предложените измени, особено отстранувањето на философијата од задолжителните предмети, претставуваат сериозен удар врз хуманистичкото образование и критичката мисла во Македонија.

„Со елиминацијата на философијата, логиката и етиката, македонскиот образовен систем ги отсекува корените на европската цивилизација и мисла, претворајќи се во периферна структура која се откажува од својата интелектуална суштина“, наведуваат професорите.

Од друга страна, ресорното министерство и Бирото за развој на образованието ја бранат Концепцијата како неопходен чекор кон модернизација на гимназиското образование. Тие тврдат дека новите наставни планови се дизајнирани да обезбедат практични вештини, дигитална писменост и критичко размислување, истовремено усогласувајќи се со меѓународните стандарди.

„Нашата цел е да создадеме конкурентен образовен систем кој ќе ги подготви учениците за глобалните предизвици, истовремено нудејќи им поголема слобода да го моделираат својот образовен пат согласно сопствените интереси“, се наведува во документот.

Концепцијата предвидува задолжителни и изборни предмети, воннаставни активности и проектна настава. Задолжителните предмети се фокусирани главно на јазиците, математиката, природните науки и информатиката. Изборните предмети, како философија, право и економија, се предвидени само за продлабочено или почетно изучување во последните две години од гимназиското образование. Дополнително, се воведуваат нови изборни содржини, како здравствено образование, медиумска писменост и вештачка интелигенција.

Професорите, меѓутоа, остануваат на ставот дека философијата е незаменлива во образовниот процес. „Философијата е наука што учи како да се мисли, логиката ги поставува законите на мислењето, а етиката ги поставува темелите на добродетелта. Без овие дисциплини, образованието губи од својата суштина“, укажуваат тие.

Зачлени се на нашиот е-билтен