Објавен е јавен повик за Мерката 112 со кој обезбедуваме помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност. Вредноста на грантот изнесува 600.000 денари или 10.000 евра, односно 100 проценти од направените трошоци, соопштија денеска од владината прес-служба. Крајниот рок за доставување на барањата е до 9 мај годинава.
Условите кои треба да се исполнат се:
-лицето кое аплицира да биде на возраст од 18 до 40 години,
-истиот за првпат да започнува со земјоделска активност,
-да преземе постоечко или воспостави ново земјоделско стопанство,
- и да е запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства во последните 18 месеци.
Во соопштението се додава дека приоритет на Владата и министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е развој на македонското земјоделство, со посебен акцент на младите земјоделци.
- Преку мерки и проекти нашата заложба како Влада е да инвестираме во развој на македонското земјоделство, истото да го направиме поконкурентно на пазарот и да отвориме нови работни места за да го зголемиме доходот на земјоделците. Владата го враќа изгубеното достоинство на земјоделците. Нивниот труд почнува соодветно да се вреднува, се наведува во соопштението.
Нашиот фокус, се посочува, е инвестициите во земјоделството да бидат исплатливи и затоа продолжуваме со интензивна поддршка на земјоделскиот сектор.
- Младите имаат одлична можност да започнат свој бизнис и да ги искористат можностите кои ги создаваме. Ветивме, се обврзавме и испорачуваме. Владата останува посветена во носење на мерки и проекти за земјоделците, соопштија од Владтаа на РСМ.