Коридорот 10
Фото ЧетГПТ

Падот на долгогодишната власт на Виктор Орбан, по изборите на 12 април 2026 година, има потенцијал да донесе сериозни промени по должината на Коридорот 10 не само за Унгарија, туку и за поширокиот регион долж оската Будимпешта, преку Белград, до Скопје и Солун/Пиреј. И политички и економски.  Овој коридор во изминатата деценија се претвори во геополитички канал каде што се вкрстуваа интересите на Кина, Русија и Европската Унија.

Во таа архитектура, Орбан беше клучна политичка алка: лидер кој ја позиционираше Унгарија како „врата“ за источниот капитал кон ЕУ, паралелно градејќи блиски односи со Александар Вучиќ во Србија и со политичките структури во Северна Македонија. Преку инфраструктурни проекти како железничката линија Будимпешта–Белград, но и преку енергетски и медиумски инвестиции, се создаде мрежа на влијание што често се толкуваше како паралелна оска на моќ надвор од европските стандарди.

Румби-тумби на „Пат на свилата“ во Европа

Со слабеењето и со, евентуалното, конечното анулирање на Орбановиот модел, најдиректно се доведува во прашање кохезијата на т.н. балканска траса на иницијативата „Патот на свилата“. Рутата Будимпешта–Белград–Скопје–Пиреј не е само инфраструктурен проект, туку и политичка платформа за влијание.

Но, капиталот, особено од Кина и Русија, не исчезнува. Тој бара нови посредници. Дури и ако новата власт во Унгарија се обиде да ја „врати земјата во Европа“, односно поблиску до јадрото на Европската Унија, веќе воспоставените економски врски Русија и Кина ќе настојуваат да ги продолжат во новите околности, можеби со поинаква политичка реторика и поголема транспарентност. Зашто многу е вложено.

Детронизирањето на Орбан автоматски не значи целосен „ресет“. Унгарија и досега беше дел од ЕУ, но со специфична, често конфликтна позиција. Новата власт би можела да ја намали конфронтацијата со Брисел и да ги деблокира европските фондови, а со тоа и да се дистанцира од отворената политичка блискост со Москва и Пекинг.

Сепак, економската зависност и долгорочните договори не можат лесно да се раскинат. Затоа, „враќањето во Европа“ повеќе ќе биде процес отколку пресврт.

За Белград, под доминација на политиката на Александар Вучиќ, падот на Орбан значи губење на важен сојузник во рамките на ЕУ. Србија веќе подолго време води политика на балансирање меѓу Брисел, Москва и Пекинг.

Во новите услови опциите се дополнително продлабочување на врските со Русија и Кина или постепено прилагодување кон европските политики за да се задржи пристапот до пазарите и инвестициите. До изборите во Србија коишто Вучиќ ги најави или за јули или за септември оваа година кога ќе видиме дали цунамито од „земјотресот“ во Унгарија ќе стигне до Белград.

До тогаш, најверојатно, Белград ќе продолжи со „седење на две столици“, но со зголемен притисок од ЕУ.

Скопје: прозападна ориентација со ограничен маневар

За Северна Македонија, ситуацијата е поинаква. Земјата е членка на НАТО и формално силно ориентирана кон Западот, особено кон САД.

Погледот кон Вашингтон има реална основа во безбедносна смисла, но не е доволен за економски и политички напредок кон ЕУ. Европската интеграција останува блокирана од Бугарија и условена од внатрешни реформи, владеење на правото и решавање на билатерални спорови.

Во контекст на ослабеното унгарско влијание, власта во Македонија има две, односно, три можни насоки: Да го зајакнува прозападниот курс и усогласување со ЕУ или да се организира за внимателно управување со унгарските позајмици, читај – кинески пари.

Третата можност, иако сега не е толку изразенано бе треба да се исклучи, да дојде до внатрешно политичко колебање меѓу двете први опции.

Нова статика на архитектурата на Коридорот 10

Клучната дилема е што ќе се случи со веќе вложените средства од Кина и Русија. Оние што ги влечат конците во Пекимг и Москва, преку Будимпешта, нема да се повлечат, туку ќе бараат нови политички и деловни партнери. Тоа отвора простор за нови елити или за трансформација на постојните.

Во тој контекст, влијанието што Орбан го имаше во регионот може да ослабне, но не и целосно да исчезне, туку ќе се прелее во нови форми, можеби помалку видливи, но не нужно помалку ефективни.

Промените во Унгарија имаат потенцијал да ја разнишаат политичката архитектура долж Коридорот 10, но не и да ја урнат. Наместо јасен геополитички пресврт, регионот влегува во фаза на прегрупирање: Белград ќе балансира, Скопје ќе се обидува да консолидира прозападен курс, а големите сили ќе ги приспособуваат своите стратегии.

Орбан можеби заминува, но моделот на влијание што го симболизираше комбинација од политика, капитал и медиумска моќ, нема лесно да исчезне.

Но, вреди да се работи на тоа, кога веќе е добиена шансата.

Зачлени се на нашиот е-билтен