Опозицијата ја напушти собраниската седница за реконструкција на Владата, расправата продолжи без нив

реконструкција
Скриншот од ТВ пренос

Пратениците од опозициските партии СДСМ, Левица и Европскиот фронт ја напуштија собраниската седница на која се расправа за реконструкцијата на Владата, по што расправата продолжи само со присуство на пратениците од парламентарното мнозинство.

До напуштањето на седницата дојде по повеќечасовна тензична расправа, исполнета со меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Опозициските пратеници оценија дека мнозинството не овозможува суштинска дебата за предложените кадровски решенија и дека процедурата се води на начин што го ограничува парламентарниот надзор врз извршната власт.

СДСМ свикаа и вонредна прес-конференцијата, бидејќи случувањата во Собранието, според нив, биле надвор од сите демократски критериуми, особено затоа што во нив биле вклучени претседателот на Владата и кандидат за министер.

Дополнително, СДСМ тврди дека навреди биле упатени кон заменик-координаторот на пратеничката група Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите во државата и за изборот на Владата.Според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за говор на омраза што може да создаде услови за насилство. По прекинувањето на седницата следувал и директен напад од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој им се нафрлил на двајцата пратеници со навреди и пцовки. СДСМ сметаат дека ваквото однесување не му доликува на кандидат за министер што треба да биде избран токму од Собранието.

„Тоа претставува говор на омраза што може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцовки. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере“, рече Спасовски на прес-конференцијата во Собранието.

Атмосферата се вжешти по говорот на пратеникот Митко Трајчулевски од СДСМ. Неговата оценка дека реконструкцијата на Владата не носи нова визија, туку отвора сериозни дилеми за стратешката определба на државата и за кадрите што ВМРО ги предлага на највисоки државни функции.Според него, кадровските решенија предложени од Владата испраќаат загрижувачки политички пораки, особено во делот на евроатлантската ориентација на државата.

„Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што „српскиот“ свет во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини.“, истакна Трајчулески.

Осврнувајќи се на предлогот Борче Серафимовски да биде министер за земјоделство,Трајчулески посочи официјално објавени информации за неговите активности.

„Генералниот директор на Меѓународниот славјански универзитет Борче Серафимовски беше дел од јубилејното десетто собрание на фондацијата „Руски мир“, која е основана со указ од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во 2007 година. Свое обраќање имаше и патријархот московски и на цела Русија Кирил. Ние сме горда членка на НАТО“, нагласи Трајчулески.

Тој исто така оцени дека реконструкцијата е уште едно признание дека Владата не ги исполнила сопствените ветувања.

премиерот Христијан Мицкоски, пак, ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со наводите за таканаречен „српски свет“, обвинувајќи го СДСМ за двојни стандарди во односите со лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ. Во обраќањето, Мицкоски рече дека СДСМ во периодот додека бил на власт имал поинаков однос кон Стоилковиќ и потсети на неговата поддршка во процесот за промена на името.

И покрај нивното заминување, по пауза од 50тина минути, претседателот на Собранието ја продолжи седницата, а пратениците од владејачкото мнозинство продолжија со расправата за изборот на новите министри и членовите на реконструираниот владин кабинет.

Реконструкцијата опфаќа промени во осум министерски ресори, меѓу кои правда, здравство, земјоделство, локална самоуправа, култура и туризам, социјална политика, односи меѓу заедниците и министер без ресор. За новите министри Собранието треба да одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Напуштањето на седницата претставува дополнителна ескалација на политичките тензии околу првата реконструкција на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која опозицијата ја оценува како обид за политичко прегрупирање без суштински промени во владините политики, додека власта тврди дека промените ќе придонесат за поефикасно функционирање на извршната власт.

Најчитано