Граѓанското движење „Кој е следен?“ го најави протестниот собир на плоштадот „Македонија“ за утре, на 24 март, со почеток во 18:59 часот.
„До недела ќе молчиме. Но, од понеделник, тишината завршува. Од понеделник, се гледаме на улиците – гласни, бескомпромисни и обединети. За да нема заборав и да нема повеќе загубени животи поради небезбедност и неодговорност!“, порачаа од движењето со објавата за протестот.
Повикот беше објавен во петокот на 21 март, а вчера од движењето „Кој е следен?“ ги објавија и барањата што ќе бидат официјално испорачани утре за време на протестот.
Еве ги нивните барања:
Македонија го имаше најтажниот и најтрагичен ден во својата историја и за тоа мораат сите виновни да сносат одговорност. Не смееме да бидеме повеќе сведоци на грозоморни настани, кои немаат правни разрешници, кои немаат последици за сторителите и кои не ветуваат дека во иднина тие нема да се повторат. Несреќите почнуваат да се множат, а нивните жртви стануваат се побројни. Како граѓанско движење, „Кој е следен?” ги бара следниве работи:
Транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отварање до несреќата од следните институции:
– Државен пазарен инспекторат
– Министерство за eкономија
– Државен градежен инспекторат
– Министерство за внатрешни работи
– Државен инспекторат за урбанизам
– Локална самоуправа во Кочани
– Локален градежен инспекторат
– Дирекција за заштита и спасување
– Управа за јави приходи
Дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со случајот „Пулс”;
– Соодветна одговорност за сите поврзани со изгорената модуларна болница;
– Соодветна одговорност за сите поврзани со случајот Онкологија;
– Соодветна одговорност за сите поврзани со случајот поврзан со Дурмо Турс;
– Соодветна одговорност за сите поврзани со случајот поврзан со Беса Транс;
– Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не само за дерегулација и финансиска помош од државата
Без исполнување на овие барања, Македонија нема како да почне да се лекува. Луѓето заслужуваат одговори. Сите ние заслужуваме правда. Мораме да излеземе на улици сѐ додека целата вистина не е изнесена на виделина. Бидејќи системот по безброј кој пат ја изигра довербата на народот, разрешницата од овој случај мора да биде под окото на јавноста. Народот не смее да биде повторно изманипулиран.