Партиска рака и на функцијата Народен правобранител

Мрежата за заштита од дискриминација со вознемиреност и огорченост реагира на начинот на кој се води процесот за избор на нов Народен правобранител, наведено е во соопштението на Мрежата, во која е наведено дека предложениот кандидат за Народен правобранител е член на Централното собрание и Централното претседателство на политичката партија Алтернатива.

„Наместо оваа можност да се искористи за воспоставување доверлив и инклузивен изборен процес, сведочиме на продолжување на затворени и политички мотивирани практики. Дополнително загрижува фактот што кандидатот е предложен од координатор на пратеничка група во која членува и политичката партија со која истиот е поврзан, што уште повеќе го продлабочува сомнежот дека критериумите на стручност и независност се второстепени во процесот. И покрај нашата реакција од минатата недела, со која јавно укажавме на отсуството на транспарентност и консултација со стручната јавност и граѓанското општество, сведочиме дека повторно се фаворизираат кандидати со политичка поврзаност, додека оние со неспорна стручност, независност и искуство во заштита на човековите права остануваат целосно игнорирани“, се вели во реакцијата на Мрежата.

Функцијата Народен правобранител, се додава, е длабоко поврзана со довербата на граѓаните во институциите.

„Законот изречно пропишува дека таа е неспоива со членување во политичка партија, и тоа не само како формално ограничување туку како израз на неопходноста институцијата да биде независна, непристрасна и неподложна на партиски влијанија. Во овој случај, според јавно достапни информации, кандидатот кој се форсира во постапката се води како член на Централното претседателство и на Централното собрание на политичка партија, како и актуелен општински советник. Името му сè уште стои во партиската структура, што укажува не само на формално, туку и суштинско политичко ангажирање. Без разлика дали ќе се повлече од овие позиции во текот на постапката, останува фактот дека јавноста со право го препознава како партиски кадар. Таа поврзаност остава трага врз кредибилитетот на изборниот процес и сериозно ја доведува во прашање независноста на институцијата“, се наведува во реакцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен