Пендаровски: Нема да има промени во политиките за проширување, ЕУ е во трка да биде рамна со САД и Кина што е грешка

Пендаровски

„Не гледам дека во блиска иднина ќе има промени во политиките за проширување на ЕУ“, рече во своето во обраќање на дебатата „Навигација на европскиот пат: Можности и предизвици “, поранешниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Оваа своја теза Пендаровски ја поткрепи со анализата во која посочи дека земјите на Западен Балкан никогаш не биле креативни и проактивни кога е во прашање нивното членство во ЕУ.

„Секогаш тој дел од процесот за евроинтеграции земјите од Западен Балкан чекаа да дојде од големите сили, благодарение и на тоа што САД отсекогаш биле дел од равенката за стабилна ЕУ“, истакна поранешниот претседател.

Според Пендаровски, војната во Украина е катализатор за европската безбедност и за нејзината надворешна политика, којашто го вклучува и прширувањето, но ЕУ не успеа тој катализатор да го искористи за да постави нови стандарди на тој план, на планот на безбедноста и надворешната политика.

„До тоа дојде од причини што ЕУ негуваше политики и пристап на ‘мека моќ’, а „тешката моќ“ им ја препушти на НАТО, каде што Вашингтон имаше главен збор и на САД. Ако некој верува во ЕУ којашто сака да биде САД, прави голема грешка, иако членките на унијата вложуваат многу во зајакнување на воената инфраструктура во безбедноста. Само Германија сега издвојува неколку милијарди евра во вој дел“, оцени Пендаровски.

Пендаровски реферираше и на ставовите на некои експерти кои велат дека кога ќе се земат одделните капацитети на земјите членки, тие имаат поголема моќ дури и од САД, но, според него, ЕУ не може да има таква улога рамна на Кина и САД.

„Тоа од причина што е составена од 27 членки кои не се унисони во однос на безбедносните и прашањата на надворешната политика. И граѓаните не се среќни заради оваа ‘милитаризација’ на ЕУ, рече Пендаровски.

Тој се повика на анкети на Евростат кои утвврвдиле дека европјаните не поддржуваат трансфер на средства од социјалните и други фондови од непосреден интерес, за јакнење на безбедносните ресурси

„Во однос на прашањето за начинот на гласање за политиките на ЕУ, коешто е суштинско за проширувањето, ништо не се променило, иако постојано се донесуваа резолуции и најави за промена на начинот на гласање во ЕУ. Не направија ниту еден чекор во таа насока, а постојано зборуваат за проширување“, смета Стево Пендаровски.

Пендаровски е скептичен дека нешто брзо ќе се промени во таа насока, затоа што промената на концептот на консензуалност значи промена на основачките договори за ЕУ, а тоа е долг и сложен процес кој и за да започне треба да има согласност од сите земји членки.

Оттаму и скептицизмот и во однос на проширувањето на ЕУ со семјите од Западен Балкан, на што дополнително влијае и успорениот реформски процес во земјите од регионот, со одредени исклучоци, но факт е, како што посочи Пендаровски, дека е намален степенот на демократија, борбата против високата корупција и малцинските права.

„Не гледам дека во блиска иднина ќе има промени во политиките за проширување на ЕУ“, рече во завршницата на своето обраќање на дебатата „Навигација на европскиот пат: Можности и предизвици“, поранешниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Дебатата „Навигација на европскиот пат: Можности и предизвици“, што се одржа денеска во Скопје, беше во организација на Претседателскиот центар Стево Пендаровски во партнерство со Отворено општество – Западен Балкан и Фондацијата Фридрих Еберт.

Зачлени се на нашиот е-билтен