Во најновото издание на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска се осврнува на говорот на омраза и насилството кон жените во јавниот живот, законските измени со кои се брише родовата еднаквост и правичната застапеност, односот на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова кон овие прашања, како и предлог-законот за верските училишта.
За случајот со нападот врз градоначалничката Данела Арсовска, таа оцени дека немало соодветно постапување од страна на полицијата.
„Ние го гледаме тоа што се случува, се случува насилство. Се случува насилство врз жена, носител на јавна функција. Присутни се полициските службеници. Од снимката не се гледа дека реагираат соодветно… Вие знаете дека жените носителки на јавни функции години наназад се мета на напади, не само на родово базиран говор на омраза, еве сега имаме и физички напад. Но, да, апелиравме и на тоа дека треба и Внатрешна контрола малку да преземе некои мерки и да утврди дали можеби постои непрофесионално однесување од страна на полициските службеници коишто биле присутни на местото на настанот и дали можеби едноставно го истолерирале насилството“, истакна Пировска.
Според неа, вербалното а и физичкото насилство врз жените, вклучувајќи ги оние кои се на јавни функции, поминуваат неказнето. Затоа жените се обесхрабрени и се плашат да учествуваат во општествениот живот.
„Жените се многу пати обесхрабрени да преземат вршење на одредена функција или да бидат активни чинители во општествениот живот, од проста причина што се плашат на што ќе наидат во јавноста. Ние затоа и пред изборни кампањи, и во текот на изборни кампањи, за време на изборите, особено апелираме на тоа, бидејќи секогаш жените, коишто нели се кандидатки за одредена функција, секогаш се мета на напади, секогаш се оценува нивниот, односно се критикува нивниот физички изглед, се критикуваат нивните години, се критикува нивниот брачен статус, се критикува дали имаат деца, немаат деца… Мора да се најде некаков начин, да говорот на омраза биде санкциониран кај нас, бидејќи е присутен и бидејќи, она што секогаш го кажувам – говорот на омраза продуцира насилство…Тоа што ѝ се случи на градоначалничката може да биде квалификувано и како кривично дело или инцидент од омраза. Јас длабоко се сомневам дека доколку стануваше збор за маж на настанот, нели градоначалник, дека ќе се соочеше со насилство како што се соочи градоначалничката Данела Арсовска“, оцени Пировска.
Таа смета дека и покрај очекувањата дека претседателката Сиљановска – Давкова ќе се залага за женските права и родовата еднаквост, таа од стапување на функцијата е незаинтересирана за овие прашања.
„Јас верувам дека многу активистки и активисти можеби на почетокот ценеа дека е многу важно што токму таа ќе биде претседателка на Република Северна Македонија, поради нејзините заложби… за родовата еднаквост, за ЛГБТИК правата, значи и нејзините либерални ставови, таа многу пати застанувала позади нашите ставови и сето тоа. Меѓутоа, очигледно е дека од стапувањето на функцијата таа едноставно реши да молчи, да премолчи, сè што се случува, да не излегува со изјави… Можеби требаше, нели, да таа даде некаков печат врз целата борба за родова еднаквост и за родова застапеност. Меѓутоа, како што рековте, не е воопшто гласна, да не речам апсолутно е незаинтересирана за овие прашања“, оцени Пировска.
Пировска се осврна и на бришењето на родовата еднаквост и правичната застапеност во неколку законски решенија, оценувајќи дека овие политики на власта ја враќаат државата назад во однос на овие права.
За предлог – законот за верски училишта, таа вели дека тоа е повторен обид да се нормализира учеството на црквата во процеси кои не се од нејзина надлежност и директен напад врз уставниот поредок и секуларноста на државата.
„Уставниот суд веќе има одлучувано за ова прашање и го има прогласено за противуставно. Значи ова што сега го прави законодавниот дом е директно, како да го речам, директен напад на уставниот поредок. И едноставно, се знае каква е поделбата на власт во оваа држава. И не може доколку постои веќе одлука на Уставен суд во која што е прогласено тоа како противуставно, не може сега законодавниот дом повторно да покренува иницијатива за закон специјален, кој што предвидува средни училишта за верско образование. Ние сите ќе ги почитуваме и се бориме за верски слободи. Меѓутоа, оваа држава е секуларна и мора да постои одвоеност на црквата од државата“, потенцираше Пировска.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во разговорот со Уранија Пировска во видео шорткастот „Што има ново?” на ИМА.