Почина Владо Јаневски

Јаневски

Македонската музичка сцена остана без еден од своите најпрепознатливите музички изведувачи. Вечерва, по кратко боледување, на 66-годишна возраст почина пејачот, композитор и музичар Владо Јаневски.

Владо Јаневски беше еден од најзначајните автори и изведувачи на македонската поп-музика, чија кариера траеше повеќе од четири децении. Зад себе остави богато музичко творештво и хитови кои станаа безвременски, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.

Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и литература, а во текот на својата кариера беше член на неколку музички состави, меѓу кои „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“. Свиреше клавир, гитара и тапани.

Јаневски ќе остане запаметен и како првиот официјален претставник на Македонија на изборот за песна на Евровизија, кога во 1998 година во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“. Во текот на кариерата учествуваше и на бројни домашни и меѓународни музички фестивали.

Во својата дискографија остави шест студиски албуми, со кои изгради препознатлив музички стил и стекна генерации обожаватели во Македонија и регионот.

Со заминувањето на Владо Јаневски, македонската музика губи еден од своите најавтентични и најпочитувани автори и интерпретатори, чии песни ќе останат траен дел од домашната музичка историја.

Најчитано