Независниот синдикат на полицијата денеска со почеток од 12.00 часот на раскрсницата кај Мавровка кај судовите ќе организира протест.
Претседателот на Независниот синдикат на полицијата Мартин Ефремов вчера, кога го најави протестот на полициските службеници, рече дека тој има за цел воедначување на судската пракса и минимална плата за полициските службеници, согласно Законот за минимална плата.
Како што појасни Ефремов, платата на полициските службеници, согласно Законот за минимална плата и колективниот договор е составена од основна плата и зголемување за 30 проценти, како и останати додатоци за минат труд. Вели основната плата во државата не може да биде пониска од минималната плата.
– Платата на полицијата, согласно законот и колективниот договор е составена од основна плата и зголемување за 30 проценти, како и останати додатоци за минат труд и тн. Согласно Законот за минимална плата, основната плата во државата не може да биде пониска од минималната плата, а потоа се додаваат оние зголемување од 30 проценти, додатоци и тн. Досега апелационите судови во Битола и Гостивар ни потврдуваат дека ова што го зборуваме е така, веќе имаме потврдено пресуди во којшто се пресметува разликата на минималната плата, меѓутоа од Апелациониот суд во Скопје, веројатно пресметале дека им се многу средства во државата, па се трудат сега да се умилкуваат, дел од судиите сега сакаат и на тој начин да напредуваат од Основниот граѓански суд во апелациони, па од оттаму во врховни судови, и пробуваат да направат сосема друга пракса со која што ќе кажат дека основната плата, во смисла на минималната плата во Законот треба да се гледа заедно со тоа зголемвуање, рече Ефремов.
Прашан колку моментално изнесува основната плата на полициските службеници, Ефремов рече основната плата на полициските службеници моментално изнесува околу 25.000 денари, која што, вели, е 1.000 денари над минималната плата.
– Велат дека трвба да се пресмета заедно со зголемвуањето, а така излегува дека полицаец зема околу 25.000 денари што е 1.000 денари над минималната плата. Меѓутоа доколку ги одвоиме тие 30 проценти, тогаш каде е основата, вели Ефремов.
Истакна дека Независниот синдикат на полицијата пред околу еден месец поднел претставка против четворица судии од скопските судови, односно против Гордана Билевска и Бесник Авдија од Основниот граѓански суд, како и против Мери Дика и Санде Зиков од Апелациониот суд во Скопје.
– Поднесовме претставка со цел да побараме нивно изземање од предметите, бидејќи сметаме дека сакаат да ја променат судската пракса која што ја имаме во апелационите судови во Гостивар и Битола, а тоа е – платата на полициските службеници е составена од основна плата и зголемување од 20 односно 30 проценти. Основната плата во државата мора да е минималната плата во државата и тоа е веќе потврдено, како што веќе кажав од основните и апелационите судови во Битола и Гостивар, а тоа мора да е така и во Скопје, изјави Евремов.
По поднесената претставка, додаде, Апелациониот суд во Скопје излегол со демант во којшто навел дека сè уште нема одлука по овие предмети и не се дојдени на ред во Апелациониот суд.
– По нашата поднесена претставка, Апелациониот суд во Скопје излезе со демант во којшто вели дека сè уште нема одлука по овие предмети и не се дојдени на ред во Апелациониот суд, затоа сакаме да го покажеме ова решение со кое се одлучува да се укине токму таа донесена првостепена пресуда, што е уште еден доказ во каков хаос и безредие е Апелациониот суд во Скопје, не знаат дури ни кој, што, како и зошто одлучува, рече Ефремов.
Ефремов истакна дека за протестот се известени повеќе братски синдикати од Европа и Балканот и очекува да бидат присутни и претставници на дел од нив.