Членовите на Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска излегоа на протест кај раскрсницата кај Мавровка, со почеток во 12 часот. Главно барање на демонстрантите е зголемување на платите и изедначување на судската пракса низ целата држава.
Според претседателот на НСП, Мартин Ефремов, илјадници полициски службеници веќе водат судски постапки против Министерството за внатрешни работи, барајќи исплата на разликата до законски гарантираната минимална плата.

„Полициската плата е составена од основица, минат труд и додатоци, но основната плата не смее да биде под минималната според Законот. За жал, токму тоа се случува со години“, изјави Ефремов.
Тој укажа и на нееднаквото судско постапување низ државата. „Во некои градови, судовите им пресудуваат во корист на полицајците, додека во Скопје велат дека тековната плата е доволна. Тоа создава огромен револт“, рече тој.

Како пример наведе дека платата се пресметува преку множител на бодови – полицискиот службеник има најмалку 550 бодови, а вредноста на бодот во МВР е 35,47 денари. „Пресметките јасно покажуваат дека платите ни се под минималната веќе подолг период“, додаде Ефремов.
Од синдикатот најавуваат дека, доколку институциите не реагираат, ќе ги алармираат сите сродни синдикати, амбасади и европски институции.
„Нема да се откажеме од она што ни следува по закон“, заклучи Ефремов.