Европската федерација на новинари (ЕФЈ) соопшти дека од 20 јануари 2025 година ќе престане да објавува содржини на платформата „Икс“ (поранешен „Твитер“), која е во сопственост на Илон Маск. Одлуката доаѓа како реакција на новите политички околности во САД, каде Доналд Трамп повторно ќе ја преземе функцијата претседател.
„Повеќе не можеме да бидеме дел од платформа која е претворена во алатка за дезинформации и пропаганда,“ изјави претседателката на ЕФЈ, Маја Север.
Федерацијата смета дека „Икс“, под водство на Маск, еволуирала во простор за ширење на теории на заговор, екстремни десничарски идеи, расизам и мизогинија. Генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез, додаде дека ова е спротивно на вредностите на медиумскиот плурализам и борбата против дискриминација.
Одлуката на ЕФЈ е поддржана од зголемените стравувања дека соработката меѓу Трамп и Маск претставува закана за слободата на медиумите и демократијата. Маск, кој активно го поддржува Трамп, изјави дека „традиционалните медиуми се мртви“, што дополнително ги засили критиките од страна на новинарските здруженија.
ЕФЈ ги повика своите подружници и други организации да се префрлат на алтернативни платформи кои подобро го поддржуваат јавниот интерес и слободата на изразување.