Посетата на Фон дер Лајен: Сомнеж, отпор или шанса што ја препознаваме

Наместо да се фокусираме само на сомнежот и разочарувањето кон ЕУ, мораме да следиме, бараме отчетност и инсистираме на конкретни резултати, за да не пропуштиме шанса која може да го трансформира секојдневниот живот на граѓаните и иднината на нашата земја.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше дочекана со стандардна скепса: Што ќе ни понуди, а што за возврат ќе побара претседателкста на Европкста Комисија, овој пат на својата балканска турнеја. На прв поглед, медиумите и политичките портали ја претставија како потврда на европската ориентација на Македонија. Но, ако ја погледнеме реалноста од перспектива на граѓаните, вистината е поинаква.

За многумина од нас, посетите на европските лидери ги очекуваме со гаранција дека Бугарија нема да ни создава проблеми во иднина. Ако такви гаранции не се добијат, логичен следен чекор е сомнеж, потсмев, па дури и омраза кон ЕУ и нејзините претставници. Се создава чувство дека од нас се бара да бидеме исполнителни со обврските, да бидеме благодарни, а всушност „не добиваме ништо“ што би го почувствувале веднаш.

Тука се јавува големиот ризик: во јавниот дискурс се фокусираме само на разочарувањето и сомнежот, додека реалните придобивки кои доаѓаат од ЕУ, кои навистина го подобруваат секојдневниот живот, често се занемаруваат.

Македонија добива милјарди евра од ЕУ преку различни фондови и програми за Западен Балкан: инфраструктура, образование, здравство, енергетска транзиција, дигитализација, стартапи.

Во оваа голема слика, Центарот за вештачка интелигенција, со која Фон дер Лејен дојде во Македонија, е само дел од инвестицијата – „мала“ сума од 5 милиони евра, но со огромен потенцијал. Македонија добива ретка шанса за модернизација и развој на високотехнолошки капацитети. Вакви центри веќе има во Србија, Хрвтаска и Грција и тие имаат остварено значителен успех.

Центарот за вештачка интелигенција ќе создава стручни кадри кои можат да развиваат домашни стартапи и технолошки решенија. Младите инженери ќе имаат можност да останат во земјата, да работат на иновации и да создаваат конкурентни продукти за регионалниот и европскиот пазар. Како резултат на сето тоа се отвораат нови работни места, развој на технолошката индустрија и конкурентност на Македонија во регионален и европски контекст.

Центарот за вештача интелигенција ќе дава поддршка на јавните услуги и статистиката, имено податоците од различни институции се интегрираат во една ВИ платформа. Алгоритмите генерираат извештаи за потребите на населението-кои региони се непокриени, кои услуги се најпотребни, како да се распределат ресурси. Тоа во пракса значи поефикасни, персонализирани и дигитализирани е-услуги за граѓаните, помалку бирократски застој и побрзо решавање на административни процеси.

Безбедност во сообраќајот: Камери и сензори на клучни крстосници и главни сообраќајници ќе препознаваат прекршоци, непочитување на семафори и опасни маневри.

ВИ ќе идентификува црни точки („hot spots“) каде најчесто се случуваат несреќи и ќе помага во планирање на инспекции и паметни семафори. Резултатот ќе биде – побезбедни улици, намалување на несреќи и оптимизација на сообраќајот во реално време.

И конечно ќе можемме да имаме прецизен и ажуриран попис на население и имот. Вештачката интелигенција интегрира податоци од катастар, општини, комунални служби и здравство, откривајќи дупликати и недостасувачки записи.

Сателитски снимки и дронови автоматски проверуваат нови градежни објекти и промени на теренот, што значи точен попис и имотен регистар за подобро планирање на инфраструктурата, фер даночна политика и попрецизни јавни услуги.

ВИ (AI) Центарот е многу повеќе од „пари на хартија“, тоа е практична алатка за модернизација на државата, која може да го подобри секојдневниот живот на граѓаните, да создаде експертиза, да поддржи стартапи и да ја подигне конкурентноста на земјата.

Но останува критично прашање: дали овој потенцијал ќе биде искористен во полн капацитет, или ќе заврши како многу други иницијативи во Македонија-политизиран проект, со ПИ-АР мотиви, непотизам или недоволна реализација?

Со оглед на досегашното искуство, можеме да дадеме проценка на извесност. Постои околу 50-60% шанса дека потенцијалот ќе се реализира, ако се обезбеди професионален менаџмент, транспарентност и континуитет во спроведувањето, но исто така има 40-50% ризик дека ќе се претвори во формален проект без реален ефект, загубен во бирократија и политички интереси.

Затоа, наместо да се фокусираме само на сомнежот и разочарувањето кон ЕУ, мораме да следиме, бараме отчетност и инсистираме на конкретни резултати, за да не пропуштиме шанса која може да го трансформира секојдневниот живот на граѓаните и иднината на нашата земја.

Зачлени се на нашиот е-билтен