Пожарот што вчера избувна над липковското село Никуштак и натаму е активен и се движи во правец над Матејче и кон манастирот над селото. По утринската процена дека огнот е вон контрола, попладнево на критичните позиции се распоредени дополнителни сили и техника, а од Дирекцијата за заштита и спасување проценуваат дека селото не би требало да биде директно загрозено.
На пожарот во моментов дејствуваат четири специјални возила „пинцгауер“ на ДЗС, поставени на деловите каде што теренот овозможува пристап. На локацијата е распореден и еден оклопен транспортер БТР со резервоар со шест тони вода, кој треба да биде употребен доколку огнот ја пробие линијата и се појави потреба од непосредна одбрана на селото.
Дополнително, според Центарот за управување со кризи, на терен интервенира екипа на кумановската противпожарна единица со три противпожарни возила, како и екипи на ЈП „Национални шуми“. Во зависност од временските услови, останува можноста повторно да биде побарана и интервенција од воздух.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, во попладневното обраќање оцени дека Матејче не би требало да биде загрозено и посочи дека станува збор за населено село со жители кои можат да им помогнат на екипите на терен, како што тоа го правеле и претходниот ден. Сепак, фактот што огнената линија продолжува да се движи во правец на Матејче и манастирот значи дека пожарот сè уште не е локализиран.
Пожарот избувнал вчера, на 20 август, пред пладне во атарот на Никуштак и за кратко време се проширил во шума. Во гаснењето биле вклучени три „ертрактори“ на ДЗС, а според утринската информација на Ангелов, тие исфрлиле вкупно 81 тон вода. И покрај интервенцијата од воздух, пожарот во текот на ноќта продолжил да се шири, поради што утрово бил оценет како вон контрола и со можност да се приближи до населените места.
Состојбата со пожарите низ Македонија се менува во текот на денот. Во утринскиот пресек на ЦУК, за периодот од 20 август до 7:30 часот на 21 август, биле евидентирани 35 пожари на отворено, од кои пет биле активни, два под контрола, а 28 изгаснати.
До попладневните часови избувнале и нови пожари. Ангелов во најновото обраќање информира дека во земјава има повеќе од 15 активни пожари на отворено, од кои четири ги оцени како посериозни – во Мариовско, Македонски Брод, Студеничани и Никуштак.
За Липковско, клучната линија во следните часови останува правецот Никуштак–Матејче. Огнот сè уште е активен, но за разлика од утринските информации за можна непосредна закана, попладневната процена на ДЗС е дека распоредените сили и условите околу населеното место треба да овозможат негова одбрана доколку пожарот продолжи да се спушта.
