Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ Венко Филипче остварија средба која претставува преседан по совпаѓањето и заедички прифатливите ставови дека е неопходно градење на национален консензус, кога станува збор за суштински прашања поврзани со сегашноста но и иднината на држава.
Мицкоски по средбата рече дека без оглед на сите разлики во партиите, важно е да се седне да се разговара за клучните теми, а Филипче изјави дека е покажано свест, разум и слух за барањата на граѓаните за да се воспостави нов модел на соработка и дека тоа е добар, позитивен сигнал.
За политичкиот аналитичар Петар Арсовски „во основа иницијалната заедничка средба е можеби почеток на некаков инклузивен дијалог за теми кои бараат национален консензус, натпартиски консензус“.

„Сега прашање е како тоа ќе се развива. Гледам дека одгласите од првата средба се позитивни, конструктивни. Прашање е дали тоа ќе вроди со некаков поширок формат на соработка или ќе остане на само партиски координации помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, оценува Арсовски.
Тој укажува дека за успешна натпартиска агенда не е доволно да седнат само македонските партии, туку да се прошири форматот и со партиите на Албанците и другите етнички заедници и дека тоа треба полека, полека да прерасне во некаков траен политички дијалог.
„Во принцип добро е да се разговара и добро е да се направат некакви заеднички планови и визии за иднината бидејќи постојат повеќе теми, кои, условно речено, го надминуваата едниот мандат на партиите и мора да се работат со некаков заеднички консензус. Прашањето е дали партиите ќе успеат да го надминат својот антагонизам и ќе успеат да го создадат тој формат“, вели Арсовски.
Во разговорот за Рацин.мк Петар Арсовски предупредува дека на штотуку започнатиот дијалог, некои од засегнатите страни ќе ги потенцираат добрите, но и ќе пронаоѓаат и лоши страни на иницијативата.
„Во основа овој формат е добар затоа што партиите, на некој начин, го закопуваат своето его и повеќе се фокусирани на решенија за проблемите на граѓаните, отколку што се за партиска оптика. Но ваквите иницијативи можат да се соочат со отпор внатре во партиите кои можат тоа да го доживеат како знак на слабост“, укажува Арсовски.
На прашањето дали политичките елити се доволно зрели за еден период да ги остават на страна партиските интереси во име на јавниот, општествена интерес, Арсовски вели дека сега е битно да се пронајде вистинската мерка.
„Прашање е колку политичките елити можат да ја најдат вистинската мерка помеѓу едното и другото (помеѓу општествениот и партискиот интерес) и да направат некаков натпартиски консензус, а тоа да не се доживее како слабост во нивните сопствени партии“, порачува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.