На 1 Мај, Денот на трудот, вообичаено се поставува истото прашање: дали работниците во Северна Македонија имаат причина да слават или, пак, реалноста повеќе ги турка на протест? Оваа година, одговорот сè повеќе се навалува кон втората опција, барем ако се слушне пораката што ја испраќа Сојузот на синдикатите на Македонија.
Наместо традиционалната слика на излети, скара и симболично одбележување, синдикатите денеска, со почеток во 11 часот, пред зградата на Сојузот на синдикатите се собираат за да протестираат со слоганот: ,,ЗА ПЛАТА СЕ БОРИМЕ, НЕ СЕ МОЛИМЕ”.
Тоа, само по себе, е индикатор за незадоволството што тлее под површината. Причините не се нови, но се продлабочуваат: ниски плати, растечки трошоци за живот, несигурни работни места и чувство дека трудот не се вреднува соодветно.
Затоа од ССМ порачуваат: Повикуваме на солидарност и од работниците за кои синдикатите веќе се изборија за покачување на нивните работнички плати.
Работничката солидарност не смее да има граници, денес се бориме за оние со најниски плати, утре за сите нас.
Затоа, на 1 Мај да бидеме солидарни, гласни, обединети и одлучни!
Повикуваме на протест, повикуваме да застанеме рамо до рамо со своите колешки и колеги и покажеме дека работничкиот глас не може да се игнорира. Работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати!
Работниците се соочуваат со инфлацијата, поскапувањата и нестабилноста на пазарот на трудот го „јадат“ секое номинално зголемување на приходите.
Токму тука се создава јазот меѓу политичката реторика и работничкото искуство. Додека институциите зборуваат за напредок, синдикатите алармираат за стагнација, па дури и назадување во квалитетот на живот. Овој јаз е суштината на дилемата „прославa или протест“ – не станува збор за симболика, туку за перцепција на реалноста.
Повикувањето на протест од страна на синдикатите укажува и на нешто подлабоко: слабата моќ на социјалниот дијалог. Цела година наназад нема успех во тријалогото меѓу Владата, работодавачите и синдикатите во Еекономско-социјалниот совет (ЕСС). Таму, во ЕСС, проблемите на работниците треба да се решаваат преку институционален разговор меѓу владата, работодавачите и синдикатите. Кога тој механизам не дава резултат, протестот станува единствен начин за притисок.
Дополнително, структурата на економијата во земјата создава специфичен притисок врз работниците. Голем дел од работните места се во сектори со ниска додадена вредност, каде платите традиционално се ниски, а можностите за напредок ограничени. Во таков контекст, празникот на трудот лесно може да се доживее како формалност, а не како вистински повод за славење.
Од друга страна, постои и културолошки момент. 1 Мај во Македонија долго време беше повеќе ден за одмор отколку ден за работничка солидарност. Но повиците за протест покажуваат дека таа традиција се менува. Сè повеќе, овој датум се враќа кон својата изворна смисла – ден на борба за права, а не само ден на одмор.
Прашањето, сепак, не е дали треба да се слави или да се протестира, туку зошто воопшто постои дилемата. Во општества каде работничките права се стабилни, 1 Мај е симбол на постигнатото. Во средини каде тие права се под притисок, истиот датум станува платформа за незадоволство.
Тоа е единствениот и последен праг пред работничкото достоинство.