Онлајн порталот Арно.мк, денеска не потсети на првиот број на весникот „Вечер“, објавен на 11 ноември 1963, излегува во миг кога Скопје сè уште не е обновен град, туку град во вонредна состојба што се обидува повторно да добие форма. „Вечер“ започнува како орган на Социјалистичкиот сојуз на Скопје во рамки на НИП „Нова Македонија“, што значи дека уште од самиот почеток не се претставува како приватен или чисто комерцијален весник, туку како јавен, институционален и општествен проект.

Тоа е пресудно за разбирање на бројот. Овој весник не се појавува во нормално време. Излегува само 108 дена по земјотресот од 26 јули 1963, кој однесе повеќе од 1.070 животи, повреди илјадници луѓе и остави над 200.000 луѓе без дом, при што беа разрушени околу 80 проценти од градот. Затоа првиот број на „Вечер“ не треба да се чита само како старт на нов дневен лист, туку и како обид Скопје повторно да се замисли себеси како град, а не само како место на урнатини.
Она што веднаш паѓа в очи е дека весникот одбива да биде сведен само на катастрофата. Да, земјотресот е насекаде: во урбанизмот, во шаторските населби, во санитарните извештаи, во училиштата, во поправките, во монтажните населби, во состојбата на верските објекти, во привремените адреси на институциите. Но, истовремено, весникот инсистира да биде и весник на културата, спортот, домашниот живот, програмата на радио и телевизија, крстословката, рецептот, романот во продолженија и светските вести. Токму тука се гледа неговата најсилна интуиција: по катастрофа, на градот не му треба само информација за рушевините, туку и целата рамка на нормалноста.
Ова е можеби и некој вид продолжение на магазинскиот карактер кој го имал претходниот истоименик на „Вечер“, своевиден пилот-проект на Бранко Заревски, кој е избришан од историјата, но – како и многу често – ние сме тука да ја зачуваме колективната меморија!
Затоа првиот број на „Вечер“ е можеби најдобро да се опише како весник на животот по земјотресот, а не како весник на земјотресот. Во него не се обновува само градот, туку и неговиот ритам.
На 11 ноември 1963 година група од триесетина ентузијасти храбро зачекорија во предизвикот, создавајќи весник на генерации, хроничар на едно шестдецениско време кое ќе остане трајно запаметено на овие страници. Првиот број на „Вечер“ беше отпечатен на 16 страници – половичен формат од стандардниот формат на „Нова Македонија“. Во првиот број на „Вечер“ беа објавени 82 текстови и 31 фотографија.
Основоположници на новиот весник беа: Панче Михајлов, Јордан Ивановски, Милчо Коцев, Борис Поп Ѓорчев, Мирко Миронски, Славко Маринковиќ и Цветан Станоевски. Нивната мисија во изминатите 60 години ја продолжија стотици новинари, форорепортери и соработници кои со својот потенцијал го градеа имиџот на „Вечер“.