Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска, 14 март, организира голем работнички протест во Скопје со барање за зголемување на минималната плата и на останатите плати во државата. Протестот ќе започне во 12:05 часот пред Работничкиот дом, од каде што синдикатите ќе ја поведат протестната поворка.
На новинарското прашање на прес конференција во пресрет на протестоткое се однесуваше на тоа колкава поддршка очекува Сојузот на синдикатите на Македонија на утрешниот протест, Трендафилов изјави:
“И само еден работник да дојде утре, јас ќе бидам вториот со него, веројатно ќе бидеме многу повеќе од двајца. Доколку излезат 20.000 работите ќе се менуваат, доколку излезат повеќе работите уште побрзо ќе се менуваат. Охрабрува тоа што огромен број на работници се пријавија на организираниот превоз кој ветивме дека ќе го организираме и дека ќе дадеме шанса на секој еден работник да дојде и да се придружи на големиот работнички протест”.
Од ССМ велат дека главното барање е минималната плата да достигне 600 евра, како и зголемување на останатите плати за најмалку 6.000 денари (околу 100 евра). Синдикатите сметаат дека сегашните плати не ги следат растечките трошоци за живот и дека работниците во земјата се меѓу најниско платените во регионот.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика работниците масовно да излезат на протест и да ја поддржат, како што вели, борбата за достоинствени плати. Според синдикатот, предложеното усогласување на минималната плата од околу 1.667 денари не е доволно во услови на раст на животните трошоци.
„Барањето за зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано затоа што работниците во Македонија тонат во сиромаштија. 160 илјади работници според податоците на Управата за јавни приходи имаат плата под прагот на сиромаштијата или под 31.200 денари. Живееме како сиромашни работници со богати газди и со уште побогати во Владата. Ве повикуваме да ги поддржите вашите семејства, да ги поддржите вашите деца, да ги поддржите вашите внуци, да излезете на улица и да им покажете дека не се плашите и дека барате платата да ви се зголеми…вашата плата да ви се зголеми затоа што тие во спротивно навистина нема да ви ја зголемат платата, да сакаа да го направат тоа, веќе ќе го стореа.“
Од синдикатите предупредуваат дека, доколку барањата не бидат прифатени, можно е да следуваат и построги синдикални активности, вклучително и генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Протестот е дел од серијата синдикални акции со кои ССМ во последните месеци врши притисок врз Владата и работодавачите за повисоки плати и подобар животен стандард на работниците.