Сојузот на синдикатите на Македонија објави дека на 28 јануари работниците предводени од ССМ излегуваат на улиците. Протестот ќе започне како и секогаш од пред Работничкиот дом на 28 јануари во 17 часот.
Потоа револтот ќе биде презентиран пред Собранието, каде што пратениците на власта повеќе од една година го чуваат предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за покачување на платите во фиока.
„Сведоци сме дека без социјален дијалог се менуваа закони поврзани со работничките права на брза лента со европско знаменце и ќе побараме тоа да го сторат веднаш и за зголемување на работничките плати преку зголемувањето на минималната плата немаме повеќе што да ги молиме и што да им кажуваме“, се вели во повикот за мобилизација на ССМ.
Протестнкиот марш потоа ќе продолжи пред Стопанската комора пред газдите кои ни иселија членови на нашите семејства во изминатите 36 години, пред оние кои се најголемите виновници за тоа што од Македонија заминуваат цели семејства, а не само работници на печалба.
„Да им кажеме дека е доста и дека тоа што им го прават на работниците и тоа што душата им ја вадат за да возат еден џип повеќе и да имаат еден стан повеќе и една вила повеќе веќе не е човечки“, порачуваат работниците.
Протестот ќе заврши пред Владата.
„Владата повеќе од една година си ги мие рацете од работниците. Влада која на работниците им кажа да си седнат и да си се договорат, а таа ќе го поддржи таквиот договор и истата Влада која ги напаѓа работниците изминатата година само за да не им ги зголеми работничките плати. Истата Влада која не помогна на работниците затоа што не ја зголеми минималната плата, истата Влада која води најсиромашни работници во Европа и најсиромашна држава во Европа“, укажуваат од ССМ.
„Ќе побараме зголемување на работничките плати за 600 евра минимална плата и за разликата од зголемување на сите останати плати на сите работници и ќе им покажеме дека работниците во државата, работниците во Македонија имаат моќ, а моќта е во нивното единство изразено преку револтот наредниот период на улица затоа што ние ја имаме моќта само на бројноста, тие имаат моќта на политичките партии или политичката моќ, а газдите ја имаат моќта на капиталот“.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов ја побара поддршката на секој еден работник, на секој кој смета дека не треба да седи дома удобно во неговата фотелја на топло.
„Апелираме да ни се придружи секој работник на 28 јануари во 17 часот затоа што седејќи дома дава поддршка на политиката на ниски плати, на мизерни примања и на тежок работнички живот.
Затоа што другите сметаат дека на таков начин вие ги поддржувате нив, затоа што другите сметаат дека вас не ви треба зголемување на вашата плата, затоа што другите сметаат дека нема потреба да носат одлуки во интерес на 540 илјади работници наспроти 1080 функционери избрани и именувани.
Време е работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките права, време е работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките платите, време е работниците да сфатат дека се сами оставени и дека еден работник не може да промени многу, но заедно можеме да промениме се“.