Радев ја покани Сиљановска-Давкова на АКАБА-самитот во Јордан

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера оствари телефонски разговор со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, при што ја покани да учествува на АКАБА-самитот што ќе се одржи во април во Јордан.

Како што информираат од нејзиниот Кабинет за „360 степени“, поканата е прифатена, а самитот, чиј кодомаќин е Радев заедно со јорданскиот крал Абдула, ќе се фокусира на теми како што се безбедноста, борбата против тероризмот и екстремизмот и спречувањето на илегалната миграција.

Телефонскиот разговор меѓу двајцата претседатели се однесувал и на важноста на конструктивниот дијалог меѓу Македонија и Бугарија, вклучително и во мултилатералните формати.

Претходно, Радев и Сиљановска-Давкова разговараа за истата покана и при нивната средба на 80-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау во јануари. Исто така, лани во ноември имаа билатерална средба на маргините на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29 во Баку.

Зачлени се на нашиот е-билтен